Со овој концептен модел, сè е подредено на најефикасното користење на енергијата потребна за возење на возилото.
Mercedes на почетокот на јануари на CES во Лас Вегас ќе го претстави новиот прототип наречен EQXX, кој би требало да има автономија од најмалку 1.000 km. Германската марка го најави овој концепт уште порано, но тогаш се зборуваше дека ќе може да помине дури 1.200 километри со полна батерија, но оттогаш проценките станаа помалку амбициозни.
Производителот од Штутгарт истакнува дека најавениот автомобил ќе биде „најефикасниот Mercedes“ досега. Ветуваат дека ќе бидат потребни помалку од 10 kWh за да се поминат 100 km! Доколку таквите вредности се пренесат на EQS, каде најголемата батерија има 108 kWh, тогаш овoj електричeн предводник би можел да помине 1.080 km.
Како планира „трокраката ѕвезда“ да дојде до вакви, во овој момент, апстрактни бројки за EV моделите? Поентата е во аеродинамиката. Нивната цел е најавениот концепт да го направат што е можно поаеродинамичен и затоа погледнале во своето минато. Не толку одамна, во 2015 година, Mercedes го претстави концептот Vision IAA.
Ова возило на четири тркала имаше неверојатен коефициент на отпор на воздухот од само 0,19. Иако ова е феноменален резултат, еден модел на Volkswagen-XL1 имаше уште помал коефициент – само 0,189.
Се очекува претстојниот EQXX барем да го изедначи резултатот поставен од неговиот предок. Од Mercedes потврдуваат дека на концептот работел и Formula 1 одделот, применувајќи го своето знаење стекнато во хибридната ера во овој шампионат, во кој осум пати ја освоија светската титула.
Конечно, некои автомобилски новинари веруваат дека EQXX всушност ќе биде вовед во приказната за новиот предводник на подмарката EQ на Mercedes. Од друга страна, се издвојува приказната дека ова е само демонстрација на технологија и дека идните EV модели би можеле да ги користат решенијата применети во овој концепт.
Во секој случај, повеќе за моделот EQXX ќе дознаеме по премиерата закажана за 3 јануари следната година.
Поврзани артикли