Јужнокорејската компанија Hyundai на CES претстави мобилен робот кој може да носи различни работи.

Станува збор за роботот MobED кој има четири тркала со гуми од 12 инчи, долг е 67 cm и широк 60 cm, а неговите тркала можат независно да се контролираат благодарение на трите мотори на крајот од секоја оска. Комплексната суспензија значи дека централната платформа може да се навалува и аголот на носење товар може да се прилагоди за да остане рамна додека возите.

За што точно е наменет MobED е отворено прашање. Hyundai го нарекува мобилна платформа која сака да ја продаде на индустриските партнери, кои би ја приспособиле за специфични апликации. Цената сѐ уште не е позната.

MobED, исто така, може да стане личен уред и самостојно да транспортира пакети и купени намирници. Идните верзии би можеле да бидат доволно цврсти и силни за да превезуваат луѓе.

„MobED може да се користи како мобилен уред за постари или инвалиди кога платформата ќе биде доволно голема. Би можел да се користи и како инвалидска количка“, се вели во соопштението на Hyundai.

Максималната брзина на роботот е 30 km/h, а едно полнење на батеријата е доволно за 4 часа возење. Како се движи низ просторот сѐ уште не е познато. Hyundai не споменува сензори, камери и радари, како и софтвер за автономно движење.

Hyundai не е единствениот производител на автомобили што влезе во оваа област, бидејќи Toyota и Honda исто така инвестираат и развиваат машини кои еден ден би можеле да се користат во домови за стари лица или како лични помагала за мобилност. Технологијата за самоуправување напредува, а MobED е само уште еден пример за овој тренд.

Извор: Klix.ba