Милијардерот Бил Гејтс омикрон варијантата на коронавирусот ја нарече „загрижувачка“, но додаде дека „акутната“ фаза на пандемијата ќе заврши во 2022 година.
„Можеби е глупаво повторно да се предвидуваат работите, но мислам дека акутната фаза на пандемијата ќе заврши во одреден момент во 2022 година. Се надевам дека во иднина за вирусот ќе размислуваме само еднаш годишно и тоа наесен додека примаме заедничка вакцина против грип и коронавирус“, напиша Гејтс на својот блог, пренесе Russia Today.
Фармацевтските компании и во историјата имале големи проблеми со продажбата на своите вакцини против грип, поради нивната релативно ниска стапка на ефикасност, како и поради фактот што научниците треба да предвидат кој вид на вирус ќе биде вирулентен во дадената година.
Гејтс, сепак, е оптимист за терапијата и истакнува дека фармацевтскиот гигант Merck неодамна доби одобрение од ФДА за антивирусниот лек молнупиравир, наменет за лицата со висок ризик од тешка коронарна болест.
„Овој лек значително ги намалува шансите за хоспитализација или смрт од Ковид-19“, напиша тој на блогот.
Тој призна дека и покрај примената на вакцините против коронавирусот годинава од Ковид-19 починале повеќе луѓе отколку минатата, и додаде дека подобрувањето годинава не е драматично, како што се надевал.
Тој се осврна и на појавата на омикрон оценувајќи го како „загрижувачки“, но и нагласи дека „светот сега е подобро подготвен да се бори против потенцијално опасните варијанти отколку што беше претходно“.
Богатството на Гејтс за време на пандемијата се зголеми на 137 милијарди долари и тој во моментов е четвртиот најбогат човек во светот.