Скршените дисплеи ќе станат минато – научниците развија стакло што не се крши
Кинеските експерти развија нов тип на ултрацврсто стакло, кое ја спроведува топлината многу подобро од било кое досега познато, за кое тврдат дека е посилно дури и од природниот дијамант.
Ова стакло е толку силно што речиси ништо не може да го скрши, истакнуваат научниците од Универзитетот Џилин, од кинескиот град Чангчун. Тие дошле до нов вид стакло во процес во кој изложиле посебен вид јаглерод на екстремни температури и притисок во преса.
Ова им даде јачина на стакло од 102 GPa. За споредба, најсилната супстанција во светот е неодамна синтетизираниот јаглерод AM-III, чија јачина е 113 GPa.
Кинеските научници тврдат дека во процесот на добивање стакло користеле јаглерод составен од 60 атоми распоредени во шуплива структура, која наликува на фудбалска топка. Шупливата структура, за време на обработката, се распаѓа и создава нова која наликува на структурата пронајдена во дијамант.
Со оваа постапка, научниците успеале да направат парчиња со големина од само еден милиметар, но тие биле доволно големи за да овозможат понатамошно проучување на јачината на материјалот.
Водачот на ова истражување, геохемичарот Џингвеи Феи од научната институција Карнеги во Вашингтон, истакнува дека создавањето на стакло со толку висока јачина и супериорни карактеристики отвора можност за многу широк начин на примена.
Неговиот тим, за разлика од претходните обиди, овој пат успеа да произведе стакло на релативно ниски температури, што е причината што го овозможи производството на ова исклучително силно стакло.
Извор: Telegraf.rs