УНЕСКО објави дека го усвоил првиот меѓународен документ за етика на вештачката интелигенција (AI) со цел регулирање на револуционерните технологии кои покрај многуте придобивки, носат и големи опасности за општеството.
„Технологиите на вештачката интелигенција можат да донесат големи придобивки за човештвото“ и „сите земји можат да имаат корист од нив“, но „истовремено покренуваат фундаментални етички прашања“, се посочува во воведот на препораката од 28 страници, ратификувана од 193 земји членки на УНЕСКО.
„Треба да се обезбеди транспарентност и разбирливост за работењето на алгоритмите и податоците од кои тие се изведени“, бидејќи тие можат да влијаат на „човековите права и основните слободи, родовата еднаквост и демократијата“, велат од меѓународната организација со седиште во Париз.
Не така одамна, „Фејсбук“ се најде на мета на критики за поларизирање на општествата преку прикажување на екстремистичка и неточна содржина.
Препораката на УНЕСКО, резултат на работата кон која се пристапи во 2018 година, ги истакнува вредностите – „почит, заштита и унапредување на човековите права, различност и инклузивност, промоција на ‘мирно општество’ и животна средина“.
Во неа исто така се наведени и задачите што мора да ги исполнат потписниците, особено законодавниот механизам за регулирање и надзор на вештачката интелигенција, за гаранција за целосна безбедност на личните и чувствителни податоци и за едукација на граѓаните на оваа тема.
Русија, Кина и Иран, земји кои редовно се мета за кршење на човековите права, се потписници на текстот кој, како што признава УНЕСКО, е стимулативна мерка без можност за санкции.
САД и Израел, земји многу активни на полето на новите технологии, не се членки на УНЕСКО.
Поврзани артикли