Сѐ почесто низ нашите улици гледаме луѓе кои автомобилот го замениле со електричен тротинет. Електричните возила станаа сѐ поатрактивна опција од традиционалните возила, поради пониските трошоци за нивно работење, зголемениот избор на достапни модели, зголемената загриженост за климатските промени и желба за подобрување на квалитетот на воздухот. Но што ги прави токму овие возила поразлични од обичните?
Електричните возила се целосно или директно напојувани со електрична енергија. Наместо резервоар за бензин имаат батерија, a наместо мотор со внатрешно согорување имаат електричен мотор, кој има повеќе од двојно поголема ефикасност од оние со внатрешно согорување. Не испуштаат издувни гасови како резултат на согорување на нафтените деривати, со што придонесуваат за намалување на загаденоста на воздухот и квалитетот на амбиенталниот воздух, и на овој начин придонесуваат за намалување на ризиците по здравјето на луѓето. Покрај ова, создаваат помалку бучава од традиционалните возила, правејќи ги одлична алтернатива за урбаните средини.
За зголемената популарност на електричните возила сведочат и резултатите од анкета која ја спровеле “Зап-Мап“ заедницата на возачи на електрични автомобили од Обединетото Кралство, на тема “Задоволство од електрични возила“ во ноември минатата година. Од возачите од Велика Британија кои преминале на употреба на електрични возила, на прашањето “Дали повторно би користеле автомобил кој користи бензин или нафта?“, 91% одговориле со „Не, благодарам“. Дури 73% од учесниците во анкетата изјавиле дека не би го замениле електричното возило кое го користат во моментот. Дополнително, од годишната анализа која ја спроведува “Зап-Мап“, евидентирано е дека од лани, продажбата на електрични возила драстично е во подем.
Покрај повисоката енергетска ефикасност на електричните возила од речиси 90% во споредба со традиционалните возила (проценета енергетска ефикасност околу 40% до 50%), постојат голем број предности и причини зошто токму овие возила се нашата иднина. Со нивна зголемена примена, се намалува потрошувачката на нафтата како необновлив извор на енергија, се намалува емисијата на јаглерод диоксид и со тоа, се намалува и загадувањето.
Сите студенти кои се заинтересирани за иднината со електрични возила, сакаат да се вклучат во дискусија или пак имаат некаква идеја како да го дадат својот придонес за зголемување на енергетската ефикасност во сообраќајот, како и намалување на загадувањето предизвикано од истиот, може да се приклучат и да го следат овогодинешното издание на Студентската Конференција за Енергетска Ефикасност и Одржлив Развој. Во фокусот на СКЕЕОР веќе 9 години по ред е и енергетската ефикасност во сообраќајот и можностите во овој сектор. Оваа Конференција има за цел размена на искуства, идеи и дискусии на различни теми од областа на енергетската ефикасност, меѓу кои и: „Електрични и хибридни возила“, „Енергетски ефикасен транспорт“, „Менаџирање на енергијата за транспорт“ и „Возила со погон од горивни ќелии“.
Оваа година Студентската Конференција за Енергетска Ефикасност и Одржлив Развој – СКЕЕОР 2021 ќе се одржи во период од 13.12.2021 до 16.12.2021. Присутните ќе имаат можност да го слушнат предавањето на м-р Христина Костадинова – Бошкова, на тема: „Технолошки иновации за побезбедни, поефикасни и попаметни возила“. М-р. Костадинова – Бошкова ќе поттикне дискусија помеѓу учесниците на конференцијата за можностите за подобрување на производството на батерии за класичните електрични возила, како и подобрувањето на нивната енергетска ефикасност. Дополнително, присутните ќе можат да го слушнат и предавањето на г-дин Никола Маркоски, Претставник на компанијата “БРАКО“ – производител на првите хидрогенски возила во Македонија, на тема „Производство на први хидрогенски возила во Македонија”, кој ќе презентира каков е принципот на работа токму на ваквите возила.
За дополнителни информации поврзани со овогодинешното издание на СЕЕКОР, посетете ја официјалната веб страница: www.skeeor.feit.ukim.edu.mk.