Дигитализацијата како клучен сегмент за забрзан економски развој беше во фокусот на десеттиот самит на Организацијата „Македонија 2025“. Во рамките на панелите на Самитот се дискутираше за најновите трендови во дигитализацијата и дигиталните вештини, кружната економија и актуелните економски теми. Покрај тоа беа презентирани и успешни приказни на технолошко напредни компании од регионот на Југоисточна Европа.
„Да побрзаме напред! Визијата на Македонија 2025 е земјава да стане водечка економија во регионот, преку промовирање на одржлив економски раст што ќе ги подобри можностите за граѓаните, фирмите и странските инвеститори“ порача главната извршна директорка на организацијата, Никица Мојсоска-Блажевски, со став дека на овој начин ќе се подобри животниот стандард и ќе се спречи одливот на млади кадри.
Во текот на своето постоење, Македонија 2025 во насока на поттикнување на развојот има доделено 720 стипендии за образование и лидерство и помогнато на преку 600 компании.
Според сегашните состојби државата заостанува зад европските земји во процесот на дигитализација. Само 32% од македонските граѓани поседуваат барем основно ниво на дигитални вештини, што е далеку под просекот на ЕУ од 56%.
„Колку и да изгледа несоодветно да се зборува за дигитализација во време кога државата се соочува со сериозна енергетска криза и ценовни шокови, не смееме да дозволиме моменталните предизвици да нè спречат да го планираме овој неопходен чекор во развој“, во своето обраќање рече претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.
Според него, покрај намалувањето на невработеноста и растот на економијата, дигитализацијата овозможува транспарентност неопходна за да се минимизира можеби најголемата болест за секоја држава – корупцијата.
Од владата велат дека дигитализацијата ќе биде во фокусот на капиталните инвестиции проектирани во буџетот, а бенефитите допрва ќе се почувствуваат.
Според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, земјава ќе биде пионер во воведување асистенти за вештачка интелигенција.
„Македонија 2025 има многу амбициозни цели, голем дел ќе бидат постигнати“,уверува претседателот на Бордот на директори Мајкл Чкламовски.
Вели дека на јасен и транспарентен начин се одделуваат средства за стипендирање на млади таленти и додипломци, во 2021 финансирани се вкупно 200 стипендисти.
Самитот 2021 година беше организиран во хибридна форма со публика од 130 гости, како и голем број гледачи онлајн. Беа понудени предлози и можни решенија за поголема дигитализација и напредок на дигиталните вештини, како и за унапредување на животната средина и подобрување на квалитетот на живот.
Оваа година се одржа десеттото издание на Самитот Македонија 2025. Во овој период на Самитот учествуваа 520 говорници од 80 земји меѓу кои врвни менаџери и сопственици на бизниси, реформатори, претставници на тинк-тенк организации, меѓународни организации, академската заедница и дипломатски претставници.
Поврзани артикли