Минатата недела, во Македонската академија на науки и уметности (МАНУ) се одржа научна дискусија по повод завршувањето на мултидисциплинарниот проект „Социјален пристап и прифаќање на намалување на штети преку наука и истражување“.
Академик Таки Фити од МАНУ ги образложи економските и фискалните аспекти при креирање јавни политики за контрола на тутунот во Северна Македонија. Според него, во модерната микроекономија пушењето се третира како школски пример за негативна екстерналија, бидејќи општествените трошоци поврзани со здравјето на луѓето, кои ги опфаќаат и трошоците за лечење на болести предизвикани од пушењето, трошоците детерминирани од пониската продуктивност на трудот на пушачите и сл., се поголеми од приватниот трошок поврзан со пушењето.
„Ова ги стимулира пушачите да ја зголемат потрошувачката на тутун, а негативните последици и трошоци од таквата потрошувачка активност ќе ги сноси општеството. Поради тоа, неопходна е општествена регулација на пушењето, т.е. воведување на даноци, односно акцизи на тутунските производи за да се израмни приватниот и општествениот трошок поврзан со пушењето. Законот за акцизи на Северна Македонија препознава девет категории на тутунски производи кои подлежат на плаќање на акциза, вклучувајќи ги тука и т.н нови тутунски производи и тутунски производи во развој“, посочи Академик Фити.
Тој нагласи дека денес во светот се афирмирани три генерални принципи за оданочување на новите тутунски производи и тутунските производи во развој и дека нивното оданочување треба да биде практично и предвидливо и да осигура вистински баланс помеѓу буџетските приходи, административните трошоци и јавното здравје. Најоптимален начин за постигнувањето на ваквите цели е оданочувањето со специфични даноци (специфична акциза) и новите тутунски производи и производите во развој, треба да подлежат на пониско даночно оптоварување во споредба со даноците кои се применуваат во случајот на цигарите, поради потенцијалот на овие производи значително да го намалат ризикот по здравјето на луѓето.
„Законот за акцизи во Македонија, во основа, ги почитува првите два принципи, но не и третиот принцип кој инсистира на диференциран пристап при оданочувањето на новите тутунски производи и тутунски производи во развој поради помалите штети што ги предизвикуваат кај пушачите. Идните измени, усовршувања и развој на националниот режим на оданочување на новите производи треба да бидат фокусирани токму во насока на нивен поповолен даночен третман“, истакна Академик Фити.
Тој нагласи дека основните проблеми и дилеми со оданочувањето на новите тутунски производи и тутунските производи во развој, произлегуваат од широкораспространетото гледиште на владите на голем број современи земји дека даночните приходи од цигарите и другите тутунски производи се значаен извор на буџетски средства, поради што, и при оданочувањето на новите производи од тутун се преферира и преовладува мотивот за „полнење“ на националните буџети наспроти мотивот за заштита на јавното здравје.
„Тоа е така и покрај фактот што бројни научни студии изготвени од научни институции и регулаторни тела во низа земји во светот потврдуваат дека штетите по здравјето на луѓето од консумација на производи кои ја намалуваат штетата од користење на тутунот, се многу помали во однос на штетите и опасностите од континуираното пушење на цигари. Поради тоа, постои отпор за привилегиран третман при оданочувањето на овие производи. Ваквата логика на размислување е погрешна бидејќи, долгорочно гледано, општеството ќе плати високи трошоци за лечење на заболувањата и другите штетни последици предизвикани од континуираното пушење на цигари“, посочи Академик Фити.
Според него, во Македонија, како што е тоа случајот и со други земји, решавањето на проблемот на негативните екстерналии од пушење, доминантно се засновува на оданочување на тутунските производи. Вториот пристап на регулација на пушењето, т.е. спроведувањето на континуирани јавни кампањи преку пушењето, кај нас, речиси, да не е застапен.
„Неопходно е Владата, посебно Министерството за здравство, Министерството за животна средина, и Министерството за образование во соработка со други институции (посебно со граѓанскиот сектор кој ги третира проблемите на животната средина и здравјето на луѓето) да конципираат солидно обмислени јавни кампањи за подигање на свеста на луѓето за штетните последици по нивното здравје и благосостојба, кои би се одвивале во континуитет, а не само повремено. Младите генерации треба да бидат посебен фокус на ваквата општествена акција. Финално, дел од неопходните средства за финансирање на јавните кампањи против пушењето треба да се обезбедат преку акцизните буџетски приходи, односно од оданочувањето на тутунските производи“,потенцираше Академик Таки Фити во текот на научната дискусија по повод завршувањето на проектот кој го спроведе Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ, а беше поддржан од компанијата ФМТКП ДОО Скопје.
Поврзани артикли