Менаџерот за комерцијални операции во „Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп“ наведе пет фази на дигиталната трансформација на компанијата и истакна неколку светски примери за дигитална трансформација што покажуваат како стремежот кон дигитализација може да ја промени традиционалната организација.
Пред неколку дена се одржа седмото издание на FMCG SUMMIT SKOPJE 2021. Оваа година, самитот се одржа онлајн, а се работи за најголемиот настан на годината што ги обединува професионалците во трговијата, дистрибуцијата, логистиката и сите придружни дејности во индустријата за стоки за широка потрошувачка.
Петар Бошкоски, менаџер за комерцијални операции во „ Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп“ во својата презентација ја нагласи дигиталната трансформација во светот и истакна неколку светли примери за дигитална трансформација што покажуваат како стремежот кон дигиталното може да ја промени традиционалната организација.
Слични примери од другите индустрии делуваа позитивно и на компанијата „Филип Морис“, во насока да почне да го менува начинот на размислување. Тој истакна дека компанијата поминала низ пет фази на дигиталната трансформација. „Како прво, направивме сериозен предизвик на нашиот бизнис модел. Се ослободивме од традиционалните спреги и отворено дискутиравме кои се процеси би можеле да ги автоматизираме. Олеснителна околност за нас беше тоа што Филип Морис негува култура на пилотирање и веќе во втората фаза можевме да се впуштиме во некои тестови кои и тоа како ни дадоа охрабрувачки резултати. Во третата фаза веќе бевме комотни гласно да дискутираме кои се тие бизнис процеси кои би можеле да ги автоматизираме или дигитализираме. Следниот предизвик, односно четвратата фаза беше интеграција на платформата, односно како да се интегрираат постоечките системи со нови алатки и функционалности, за да креираме беспрекорен проток на податоци, за на крајот да имаат бенефит сите засегнати страни“.
Според Бошкоски, последната, петта фаза била најбитна во процесот на дигитална трансформација на компанијата. „Оптимизирањето на растот и процесот на транзиција се најбитни. Резултати никогаш не се остваруваат преку ноќ. Потребно е многу трпение, многу експериментирање, промени во од, решавање на ад-хок ситуации и само со тој став се доаѓа до успех. Посветеноста кон подобрување на сите сегменти од работењето, со тек на време раѓаат резултати и водат кон раст“.
Бошкоски истакна дека главната порака на оваа презентација е дека вистината е само една и дека дигиталната трансформација е всушност креирање на стратегија и менување на начинот на размислување, многу повеќе од сува имплементација на најнова технологија. Уште побитно е дека главната разлика ја прават луѓето и организацијата сама по себе. Во нашиот случај се издвои една млада потентна група која обезбеди интерно разбирање на транзицијата и после тоа влеговме во егзекуција. Вака усогласена, организацијата е најзаслужна за проектот и сите бенефити што истата ги донесе.
„Следен логичен чекор беше да видиме каква платформа имаме за имплементација на една ваква иницијатива. Резултатите беа охрабрувачки и се уверивме дека Македонија има сериозна дигитална структура за една ваква иницијатива. Тоа го покажуваат и следните податоци: 74,5 проценти од популацијата користела интернет во последните 3 месеци, а од овие 74,5 отсто, 82,5 проценти користеле мобилен телефон за да пристапат на интернет. Дури 64,6 проценти корисниците пристапиле на интернет користејќи мобилна мрежа, а 52 отсто пристапиле на интернет преку безжична мрежа.”
Како дел од дигиталната стратегија, Бошкоски го истакна и новиот начин на ангажирање на трговците на мало, односно покрај физичката покриеност, да биде застапена и дигиталната покриеност (достапност и одржување на залиха на производи, визибилност, контрола на договорните обврски, трговски програми и едукација на трговите на мало). Во презентацијата беа наведени и потребните „алатки“ за дигитално ажурирање, за што е потребно менување на организациската структура и формирање на нов екосистем на теренска сила, тим на управување со дигитални алатки и трговци на мало.
Бошкоски ја потенцираше и пренамената на ресурси, односно дека стремежот треба да е кон дигитализација на максимум комерцијални процеси. „Резултатот е зголемена ефикасност. Искористете ја можноста за пренамена на ресурсите и зграпчете ги можностите за креирање на дополнителна вредност која ќе и даде целина на Вашата дигитална приказна. Нашата приказна се фокусира на ослободување на доволно време на теренската сила во правец кон нашата аспирација да понудиме алтернативи, односно во фокус ја ставаме нашата мисија – иднина без чад од цигари“.
Според него, потрошувачот секогаш треба да биде во фокус. „Убедени сме дека приказната за дигитализација не е целосна доколку во фокус не е поставен потрошувачот. Иако B2B Дигитализацијата се однесува на комуникацијата и интеракцијата со бизнис партнерите, таа е единствено целосна кога е вклучен и потрошувачот, а се со цел заедно да го промениме светот кон подобро”, истакна Бошкоски.