Тим француски и јапонски истражувачи со фрлање мрежа во јапонската префектура Шизуока се обидуваат да соберат микропластика, за да откријат како таа влегува во морето и колку продира во океанското дно, пренесува Џапан Тајмс.
Се посочува дека ситни пловечки фрагменти од пластична амбалажа, синтетичка облека и рибарски мрежи се намножиле во последните четири децении и сега се наоѓаат во секој дел од светските океани, дури и во најдлабоките ровови.
Според студија објавена во 2020 година, морското дно на планетата е покриено со околу 14 милиони тони микропластика, а научниците велат дека итно се потребни повеќе истражувања за тоа, вклучувајќи го и нејзиното влијание врз екосистемите, синџирот на исхрана и здравјето на луѓето.
Истражувачите ја проучуваат таканаречената пластисфера, односно микроорганизми кои живеат меѓу фрлената пластика.
Станува збор за нов екосистем кој не постоел пред 1970-тите, па не се знае кои видови микроби се поврзани со таа пластика, изјави научниот директор на проектот „Тара-Јамбио“, Силвеин Агостини.
Откако екипажот ја спушти мрежата во облик на инка, наречена „чорап“, и ја оставија да плута 15 минути во близина на површината, тие ја кренаа назад на палубата за да проверат што „улови“.
Тимот собра повеќе од 200 примероци од почетокот на истражувањето во април 2020 година, од кои сите содржат микропластика.
Студентот од Тринидад и Тобаго, Џонатан Рамтахал, кој учествува во истражувањето, рече дека целта на тимот е да утврди дали бактериите што ќе ги најдат се „штетни за поширокиот синџир на исхрана“, пренесува Џапан Тајмс.
Поврзани артикли