Веќе од претходно знаеме дека во текот на процесот на вистинско поларно талкање (true polar wander, TPW), планетите и месечините понекогаш може да се навалат во однос на нивните оски, но сè уште не е познато колку често тоа се случувало со Земјата.
Една неодамнешна студија покажа дека еден таков настан се случил на нашата планета пред околу 84 милиони години, кога диносаурусите сè уште газеле на Земјата.
Експертите анализирале примероци од варовник од Италија, кои датираат од периодот на доцната креда (пред 100,5 до 65,5 милиони години), за да најдат докази за поместувања во магнетниот запис кој би укажал на појавата на TPW.
„Ова е најновата документирана TPW од големи размери, што ја доведува во прашање идејата дека оската на Земјата била во голема мера стабилна во последните 100 милиони години“, објаснуваат научниците во нивниот труд.
Земјата се состои од внатрешно јадро од цврст метал и надворешно јадро од течен метал, со цврста обвивка и кора кои полека се движат околу течниот метал. Земјиното магнетно поле, создадено од надворешното јадро, може да се евидентира во карпите како оние што ги проучувале научниците, пишува Science Alert.
Вистинското поларно талкање е феномен во кој има значително поместување на географските полови и наклонот на обвивката. Ништо навистина не се менува во однос на магнетното поле на Земјата, но карпите што се движат бележат различни палеомагнетни податоци.
Податоците го покажаа растојанието помеѓу северниот и јужниот географски пол, овозможувајќи им на експертите да ги лоцираат половите.
„Замислете да ја гледате Земјата од вселената. Вистинско поларно талкање би изгледало како Земјата да се превртела на страна, но она што всушност се случува е дека целиот карпест дел од планетата, обвивката и кората, се врти околу течното надворешно јадро“, рече геологот Џо Киршвинк од Технолошкиот институт во Токио.
Според студијата, пред околу 84 милиони години имало наклон од околу 12 степени на Земјата, што се коригирало релативно брзо – во рок од околу пет милиони години.
Истражувањето со наслов A Late Cretaceous true polar wander oscillation беше објавена во списанието Nature Communications.
Извор: Index.hr