Сингапур е дом на една третина од коралните гребени во светот, што е огромна количина за една толку мала земја. Коралните гребени се важни бидејќи ги штитат светските брегови, а исто така се дом на илјадници риби и се витален дел од подводниот екосистем.
Сепак, проблемите со мелиорацијата на земјиштето и развојот на крајбрежјето доведоа до исцрпување на гребените во оваа азиска земја во текот на изминатите децении, а сега научниците од Националниот универзитет во Сингапур сакаат да го променат тоа на необичен начин – со употреба на Lego коцки.
Џани Танзил е дел од групата научници кои користат Lego коцки за да ги зачуваат гребените во Сингапур.
„Вкупниот број на видови корали во светот е околу 800, ние сме многу среќни што имаме речиси една третина од овие видови концентрирани на толку мала област околу јужните острови на Сингапур“, вели таа.
Веќе со децении како коралните гребени во Сингапур се намалуваат, а причината е мелиорацијата и загадувањето. Се верува дека ова е првиот обид да се користат Lego коцки за обнова на гребен, а процесот го прават научниците кои земаат лабави парчиња корали од гребенот и ги ставаат на коцките. Овие мали делови со текот на времето стануваат големи колонии.
Lego коцките се избрани затоа што се модуларни и може да се прилагодуваат на големината на коралите.
Методот „вертикално одгледување“ помага да се заштеди простор. Во Сингапур, поради недостаток на простор, мора да се живее во високи станбени блокови.
Засега се спроведуваат истражувачки експерименти, а научниците се надеваат дека еден ден ќе израснат доволно корали за да можат да ги „пресадат“ во водите околу Сингапур.
Извор: Klix.ba
Поврзани артикли