Доктор Сумја Сваминатан, главен научник на Светската здравствена организација (СЗО), вели дека вакцинацијата не е доволна за да се стави крај на пандемијата на коронавирусот и повика на еднаква дистрибуција на вакцините и испорака на медицински помагала во посиромашните земји.
Таа во изјава за „Дојче веле“ вели дека вакцинацијата е само едно средство, но дека не е универзално решение.
„Вакцините се многу ефикасни против заштита од тешкиот и комплициран тек на болеста, но не штитат сто проценти од инфекција“, истакна Сваминатан. Таа објасни дека, иако појавата на инфекција кај вакцинираните лица е сè уште ретка, вакцинацијата не значи дека човек не може да го пренесе вирусот на друго лице со поголем ризик.
Сваминатан истакна дека колку се повисоки стапките на пренесување на инфекцијата, толку е поголема опасноста од генерирање нови видови, кои потоа се враќаат и повторно ги инфицираат луѓето, дури и ако се вакцинирани.
Таа посочи дека затоа постои силен научен аргумент за продолжување на примената на мерките против Ковид-19 додека сите во светот не добијат заштита.
Сваминатан истакна дека коронавирусот најдобро ги покажал димензиите на глобалната нееднаквост и довел до она што се нарекува пандемија со две патеки.
Таа изјави дека има дел од светот каде што се вакцинирани голем број луѓе и каде што животот полека се нормализира, но дека, за жал, половина од светот сѐ уште нема пристап до вакцини.
„Помалку од два отсто од луѓето на африканскиот континент се целосно вакцинирани, а нивните животи се далеку од нормални“, рече Сваминатан.
Таа изјави дека некои земји, како што се Канада, Кина, Данска и Португалија, имаат 75 или повеќе проценти од населението кое е целосно вакцинирано, а други земји, како Нигерија, Етиопија, Сирија и Авганистан, имаат помалку од пет проценти вакцинирана популација.
Тврди дека единствениот начин да се запре пандемијата засекогаш е богатите нации да покажат поголема солидарност.
„Пандемијата ќе трае подолго, освен ако светот не одлучи да се обедини и да стане посолидарен, да ги сподели уредите и апаратите, вакцините, методите на дијагноза, третман и терапија што ги имаме денес, за да можеме да ја запреме смртта на пациентите“, рече главната научнича на СЗО.
Сваминатан ја повика меѓународната заедница да инвестира во подготовките за идна пандемија, со цел да се избегнат погубните последици што светот ги виде во последните 20 месеци.
Поврзани артикли