Поранешниот американски претседател Доналд Трамп ги најави своите планови за отворање нова социјална мрежа наречена „Вистина“ (TRUTH Social).
Трамп вели дека платформата „ќе се спротивстави на тиранијата на големата технологија“, обвинувајќи ги главните социјални мрежи дека ги замолчуваат опозициските гласови во САД, пишува BBC.
„ Јас ги формирав Truth Social и групата за медиуми и технологија на Трамп (ТМТГ) за да се спротивставам на тиранијата на технолошките гиганти“, рече Трамп во изјавата, прецизирајќи дека неговата платформа ќе биде лансирана во првиот квартал од 2022 година.
Тој нагласи дека големите компании во Силиконската долина ја искористиле својата еднострана моќ за да ги замолчат гласовите на несогласување во Америка.
Трамп беше исклучен од Фејсбук, Твитер и Јутјуб по нападот врз американскиот Конгрес на 6 јануари, што го извршија неговите поддржувачи за време на церемонијата на потврдување на победата на Џозеф Бајден на претседателските избори.
Пред да биде исклучен, Трамп имаше речиси 89 милиони следбеници на Твитер, кога објави голем број претседателски одлуки, имаше 35 милиони следбеници на Фејсбук и 24 милиони на Инстаграм.
Платформата Truth Social ќе биде достапна во бета верзија на повик од ноември 2021 година, се наведува во соопштението, додека новата медиумска групација на Трамп TMTG ќе има и видео сервис на барање со забавни програми и поткасти.