По спроведениот прв серијал ЕДУИНО-вебинари 2020, како и неверојатната бројка од над 18.000 учесници, тимот на ЕДУИНО оваа година го најавува новиот серијал ЕДУИНО-вебинари со бесплатни онлајн предавања и можности за стекнување на повеќе видови сертификати наменети за наставниците, воспитувачите, професорите и сите заинтересирани учесници на темите од областа на образованието.
ЕДУИНО-вебинарите се бесплатни интерактивни неформални настани, каде што учесниците имаат можност да следат предавања на актуелни, иновативни и напредни теми кои одговараат на потребите и предизивиците на наставниците, преку споделување на примери од добри пракси и совети. Преку серијалот ЕДУИНО-вебинари 2021, учесниците ќе можат да го подобрат својот личен и професионален развој истакнувајќи знаење од реномирани предавачи, секој во својата област.
Од тимот најавуваат дека ЕДУИНО-вебинари 2021, го проширува својот фокус кон применливото знаење, па така подетално на темата изјави Милена Игњатова, проектниот менаџер на ЕДУИНО:
„Еден од највисоките приоритети на проектот ЕДУИНО е градењето на заедница која вклучува едукатори, соработници и просветни работници кои континуирано вложуваат во својот професионален раст и развој, а преку тоа придонесуваат кон подобрување на квалитетот на образованието во целост. Оваа година особено внимание посветивме на начинот и процедурата за стекнување на сертификатите, со крајна цел зголемување на вредноста на истите. Самиот концепт предвидува дека предуслов за добивање на сертификатот ќе бидат реализираните активности на учесниците. Овој процес е осмислен со цел на слушателите, да им овозможи да се здобијат со сериозно практично искуство. Со ваквиот подобрен пристап, учесниците ќе имаат можност да се стекнат со два сертификати: сертификат за стекнати знаења и сертификат за применети знаења кои ќе бидат од особена важност за нивниот професионален развој.“
Првиот онлајн ЕДУИНО-вебинар, на 20ти октомври, со тема “Превртена училница – концепт, стратегии и потребни ресурси за спроведување“ веќе брои голема заинтересиреаност со повеќе од 2000 учесници. За истиот можете да се регистрирате тука. Прочитајте повеќе за датумите и темите на следните ЕДУИНО-вебинари и дознајте како да се пријавите за овие бесплатни онлајн предавања и да се стекнете со потребните сертификати преку официјалната веб-страна eduino.mk. За сите заинтересирани, овозможено е настанот да се следи на два начина: онлајн, како учесник на вебинарот преку линк на платформата ZOOM или преку YouTube каналот на ЕДУИНО и преку видео-снимките кои ќе бидат поставени по реализирање на секој вебинар.
„Во концептот на ЕДУИНО-вебинарите особено инсистиравме на можноста за меѓусебно споделување на изработените активности. Тоа е возможно со нивно прикажување на интерактивна табла која специјално е дизајнирана за овој серијал предавања и која понатаму ќе биде достапна за користење, со цел едукаторите кои не се познаваат, да имаат можност меѓусебно да преземаат идеи и практики и взаемно да се поттикнуваат во работата.“ – изјави Перо Сарџоски, координатор на ЕДУИНО-вебинарите.
Учејќи ги новите методи и алатки, учесниците на ЕДУИНО-вебинарите, ќе имаат можност да стекнат потребни вештини за имплементирање на иновативни наставни методи поддржани од новите технологии, како и да се стекнат со практични вештини за алатки кои би ги применувале во наставата.
Проектот „ЕДУИНО: Колективно подобрување на образованието преку ко-креирање и иновации“ е финансиран од Владата на Обединетото Кралствопреку Амбасадата на Велика Британија во Скопје, со поддршка на Министерството за труд и социјална политика (МТСП), Министерството за образование и наука (МОН), Бирото за развој на образование (БРО) и УНИЦЕФ. Проектот го спроведува СмартАп – Лабораторијата за социјални иновации.
Поврзани артикли