Повеќе од 240 метро станици низ Москва имаат систем кој им овозможува на патниците да платат за возењето гледајќи во камерата.
Московското метро ја лансираше, како што велат властите, првата масовна примена на систем за плаќање со препознавање лица. Патниците можат да го користат овој начин на плаќање наречен FacePay така што преку апликацијата Mosmetro ќе поврзат фотографија, банкарска картичка и метро картичка.
„Сега сите патници можат да платат за патувањето без да користат мобилен телефон, тројка или банкарска картичка“, објави градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин на Twitter.
На официјалната веб-страница на руското Министерство за транспорт стои дека сите информации за FacePay ќе бидат енркриптирани. Камерите ќе го читаат само „биометрискиот клуч“ на патниците, а властите соопштија дека информациите собрани од системот ќе бидат зачувани во центри за податоци до кои има пристап само персоналот на МВР. Московското Министерство за информатички технологии, исто така, им гарантираше на корисниците дека фотографиите складирани во системот нема да бидат проследени до полицајците.
Сепак, активистите за заштита на приватноста се загрижени за зголемената употреба на системот за препознавање лица во Москва. Во 2017 година, технологијата за препознавање лица беше додадена на безбедносниот систем, кој се состои од 170.000 камери, со цел да се идентификуваат криминалци на улица. Активистите го тужеа Министерството за технологија со надеж дека судот ќе ја забрани технологијата, но судот застана на страната на градот и заклучи дека технологијата не го повредува правото на приватност на граѓаните. Меѓутоа, претходно оваа година, Reuters објави дека тие камери биле користени и за идентификација на демонстрантите.
Во меѓувреме, Европскиот парламент ги повика пратениците од ЕУ да забранат автоматско препознавање лица на јавни места.
Извор: Klix.ba