Терапијата со антитела, развиена од „Астразенека“, е ефикасна во превенција и третман на коронавирус, тврди фармацевтската компанија.
„Астразенека“ аплицираше до Американската администрација за храна и лекови (ФДА) за итно одобрување на превентивниот лек АЗД7442, кој се состои од две антитела.
Во истражувањето учествуваа 900 луѓе
Истражувањето на компанијата покажува дека лекот е ефикасен во спречувањето на развојот на потешка форма на болеста кај пациенти со благи или средно тешки симптоми. Повеќето од 903 луѓе кои учествувале во студијата имале висок ризик од тешка форма на болеста.
Студијата покажува дека единечна доза од 600 милиграми АЗД7442 инјектирана во мускул го намалува ризикот од развој на тежок облик на коронавирус или смрт за 50 проценти, во споредба со контролната група. Лицата во студијата имале симптоми до седум дена. Кај оние кои примиле АЗД7442 во рок од пет дена по појавата на симптомите, ризикот од тешка форма на коронавирус или смрт бил намален за 67 проценти, во споредба со групата која не примила од лекот.
Водечкиот автор на истражувањето: Ова може да игра важна улога во борбата против пандемијата
„Покрај континуираните случаи на сериозна зараза со Ковид-19 низ целиот свет, постои значителна потреба за нови терапии, како што е АЗД7442, кои можат да се користат за заштита на ранливите групи од зараза и може да спречат прогресија во тешка болест“, Рече Хју Монтгомери, професор на Универзитетскиот колеџ во Лондон.
„Овие позитивни резултати сугерираат дека соодветна интрамускуларна доза на АЗД7442 може да игра важна улога во борбата против оваа катастрофална пандемија“, додаде Монтгомери, главен автор на студијата „Астразенек“.
Тој го оцени третманот како соодветен за луѓе кои не можат да се вакцинираат, кои слабо реагираат на вакцини или кои имаат зголемен ризик да развијат потешка форма на коронавирус поради нивната здравствена состојба.