Австриската компанија Obrist најави интересен проект со својот генератор на нула вибрации (ZVG). Станува збор за бензински мотор вграден во Model 3 на Тesla за да биде, како што велат Австријците, „еколошки поприфатлив“
И покрај драстично намалената батерија, Model 3 има долг дострел и, според конструкторите, останува климатски неутрален и покрај моторот со внатрешно согорување.
Во основа, станува збор за сериски хибриден погон. За погонот е задолжен заден електричен мотор од 100 kW / 136 КС, кој енергијата ја црпи од намалената батерија од 17,3 kWh. Тоа е помалку од батериите од 52 kWh или 82 kWh што ги користи Teѕla. Напред е инсталиран еднолитарски двоцилиндерски бензински мотор. Не е физички поврзан со погонот, туку го стартува генераторот, кој пак го напојува електричниот погон со електрична енергија.
Двоцилиндерскиот мотор е максимално изолиран. Во задниот дел на Tesla има резервоар за гориво од 30 литри. Тоа наводно е доволно за долги патувања, бидејќи потрошувачката на гориво треба да биде помеѓу 2,5 и 4,5 литри на 100 километри.
Покрај бензинскиот мотор со моќност од 40 kW, Obrist развил и еквивалент од 45 kW за е-горива како што е метанол. Еко гориво за новата варијанта може да се добие од климатски неутрален водород, кој исто така ќе има неутрален јаглероден отпечаток. Хибридниот погонски систем би требало дури и да ги исполнува границите на стандардите за емисија на штетни гасови Еуро 7.
Според Оbrist, соодветно производствено возило би имало многу помала тежина од електричната Tesla и би чинело отприлика исто колку и конвенционален бензински модел, поради намалените батерии и трошоци. Obrist ја најавува својата варијанта за 2025 година.