„Отстранети се сите пречки за признавање на руската вакцина против коронавирус, Спутник V во Светската здравствена организација, останаа само некои административни процедури“, изјави министерот за здравство на Русија, Михаил Мурашко, во Женева.
„Не гледаме никакви пречки за понатамошна работа. Ова нѝ го потврди и генералниот директор на СЗО“, рече Мурашко на прес-конференцијата за новинари во Женева, по состанокот со директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, пренесува „ТАСС“.
„Сега е неопходно компанијата која се занимава со регистрирање на вакцините во СЗО да потпише и да достави низа документи. Тоа е административна процедура“, додаде министерот.
Гебрејесус му се заблагодари на Мурашко за посетата, велејќи дека состанокот бил конструктивен.
Рускиот министер во Женева разговараше и со американските претставници за прашањето за меѓусебно признавање на сертификатите за вакцинација против Ковид-19.
„Американските претставници ги слушнаа аргументите на Русија и сфатија дека тоа е рационално, бидејќи одобрувањето на вакцина која ќе се продава на пазарот и одобрувањето на вакцина за директна превенција на Ковид-19 се различни процеси“, истакна тој.
Министерот исто така прецизираше дека треба да се разговара за признавање на сертификати, а не на вакцини, како и за ефикасноста на превентивните мерки.