Автомобилскиот гигант Ford објави дека ќе инвестира 11,4 милијарди долари во производство на електрични возила и батерии во САД, најавувајќи соработка со јужнокорејскиот производител на батерии SK Innovation
Според тој план, Ford ќе произведува автомобили и пикапи со нула емисија на штетни гасови, „прилагодени“ на клиентите и ќе отвори 11.000 работни места, наведува BBC.
Новата фабрика во Тенеси, Blue Oval City, ќе зафаќа површина од шест квадратни километри и од 2025 година ќе произведува електрични камиони и батерии од следната генерација.
Батериите произведени во погоните во Кентаки ќе напојуваат нови линии на електрични возила на Ford и Lincoln.
Компанијата веќе ги зголеми инвестициите во производството на електрични возила во погоните во Тексас и Мичиген и планира нов циклус во партнерство со јужнокорејскиот производител на батерии SK Innovation.
Како и конкурентите GM и Stellantis, Ford се надева дека до 2030 година автомобилите со нула емисија на штетни гасови ќе учествуваат со половина од продажбата.
„Ова е нашиот момент, нашата најголема инвестиција досега, сакаме да помогнеме да се изгради подобра иднина за Америка“, вели претседателот и извршен директор на Ford, Џим Фарли. „Започнуваме со проект што ќе им обезбеди на сите најнови електрични возила, не само на (избраното) малцинство“, додава Фарли.
Извор: Додај Гас