Најголемиот глобален хакатон во светот NASA Space Apps Challenge, ќе се одржи од 1 до 3 октомври 2021 година и ќе донесе можност за двајца учесници да патуваат во посета на NASA, соопштуваат организаторите Њуменс Бизнис Акцелератор и Фондацијата Голдилокс.
„NASA Space Apps Challenge е бесплатен виртуелен натпревар, отворен за сите иноватори, програмери, дизајнери, претприемачи, научници, раскажувачи на приказни, креатори, градители, уметници, технолозите кои организирани во локални тимови ќе работат 48 часа, за да ги решат овогодинешните предизвици зададени од експертите на Американската агенција за вселенски истражувања NASA“, се вели во соопштението.
Ве чест на јубилејната 10-годишнина на NASA Space Apps Challenge, темата на настанот ќе биде „The power of ten”. Оваа година, NASA ќе одбележи десет неверојатни години на заедништво, соработка и решавање предизвици преку формирање на моќен тим од 10 меѓународни вселенски агенции, кои ќе работат заедно со цел Space Apps да биде достапен за уште повеќе заедници ширум светот.
Пријавувањето е во тек и ќе биде отворено сѐ до петок, 1 октомври. Регистрирањето може да го направите индивидуално доколку немате свој тим, или пак како член на тим преку овој линк https://forms.gle/wYx9nGXtsSvGK1XK9.
Од своето основање во 2012 година, NASA Space Apps Challenge брои повеќе од 150.000 учесници од преку 150 земји, кои ги користеа отворените податоци на НАСА со цел создавање на решенија кои ќе го подобрат животот на Земјата и во Вселената, а настанот кај нас редовно се одржува од 2013 година со традиционална поддршка на Амбасадата на САД во Скопје, како и локални компании, експерти, професори и ентузијасти.
Извор: Мета