Деветтото издание на Студентска Конференција за Енергетска Ефикасност и Одржлив Развој – СКЕЕОР 2021, оваа година ќе се одржува во периодот од 13.12 до 16.12.2021. Конференцијата СКЕЕОР 2021 е поддржана од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), а претставува единствена конференција во регионот и пошироко која е организирана од студенти за студенти и која третира тематики како енергетската ефикасност. На истата, учество со свои трудови може да заземат студенти на додипломски и постдипломски студии и академски членови.
Дополнително, преку предавања и панел дискусии компаниите имаат можност да ги прикажат своите добри практики за енергетски ефикасно и одржливо работење. Исто така, сегмент од конференцијата е наменет и за средношколците заинтересирани за оваа област.
Преку организација на ваков тип на конференција, се работи на подигнување на свеста за потребата од енергетска ефикасност, употреба на обновливи извори на енергија и мерки и механизми за одржлив развој. Преку научно-истражувачката дејност, студентите се поттикнуваат да работат на изнаоѓање решенија на проблеми од областа на енергетска ефикасност и одржливиот развој. Еден од клучните аспекти на конференцијата е можноста за соработка помеѓу студентите, реномирани професори и претставници на водечки компании од областа, со цел пронаоѓање решенија на предизвици од оваа област, која ги засега сите на глобално ниво.
Во фокус на СКЕЕОР се обновливите извори на енергија; автоматизацијата и мерењето на енергетската ефикасност; електричните возила и енергетски ефикасниот транспорт; енергетската ефикасност и одржливоста на животната средина, како и новите технологии и материјали и енергетската ефикасност во објекти, градежништво и архитектура.
Овогодинешната конференција ќе се одржува комбинирано, со физичко присуство на учесниците во просториите на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), и виртуелно, на “ZOOM” платформата за видео-комуникација. Согласно актуелната состојба со Ковид-19, постои можност конференцијата целосно да премине онлајн.
Рокот за пријави на апстракти за трудови за претстојната конференција е до 15.10.2021, додека сите заинтересирани своето учество може да го пријават на https://skeeor.feit.ukim.edu.mk/?page_id=2326&lang=mk.
Повеќе информации за СКЕЕОР и овогодинешната програма може да дознаете на официјалната веб страна:https://skeeor.feit.ukim.edu.mk/.