Научниците кои ја истражувале хибридната изложеност на Ковид-19 која вклучува инфекција на вирусот, а потоа целосна вакцинација против вирусот велат дека луѓето стекнуваат моќен имун одговор на вирусот кој веројатно делува на сите варијанти на коронавирусот.
Тоа научниците го нарекле „натчовечки имунитет“. Така барем велат истражувачите од Универзитетот Рокфелер кои своите откритија ги објавиле во научно списание минатиот месец, пренесува „Гардијан“.
Тие луѓе со натчовечки имунитет ги неутрализирале сите варијанти на коронавирусот, вклучувајќи го и делта сојот.
„Тие луѓе имаа неверојатен имун одговор на вакцината“, вели вирологот од Универзитетот Рокфелер Теодора Хациани која учествувала во студијата.
„По природната инфекција, антителата некако еволуирале и станале помоќни и поотпорни на мутациите на вирусот“, вели таа.
Сепак, Теодора нагласила дека и натаму не е целосно јасно дали секоја личност која прво се инфицирала, па вакцинирала имала еднакво јак имун одговор.
Луѓето кои учествувале во истражувањето имале таков имунитет, но студијата била спроведена на 14 луѓе така што не може со сигурност да се тврди дека тоа е врска за сите. Сепак, кај тие 14 испитаници имуниот одговор бил сличен и еднакво моќен.
Вирологот сега вели дека следното прашање е дали луѓето кои ќе примат бустер доза од вакцината ќе развијат ист имун одговор како и луѓето со хибридна изложеност на вирусот.
„Убедени сме дека бустер вакцината ќе помогне антителата да се развијат во поголем број, но не знам дали ќе дојде до таква моќност каква што имаат луѓето со хибридна изложеност на вирусот, тоа треба да се види допрва“, вели таа.
Инаку, имунолог од Универзитетот во Пенсилванија, Џон Вери, исто така изјавил дека истражувањето спроведено во Универзитетот, а објавено неодамна покажало дека луѓето кои се целосно вакцинирани развиле и флексибилни антитела.
„Веќе гледаме кај нашите испитаници еволуција на антитела кај луѓето кои неодамна биле вакцинирани, но веруваме дека таа еволуција уште побрзо ќе се случува кај луѓето кои прележале Ковид-19, па потоа се вакцинирале“, изјавил тој.
Поврзани артикли