Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, директорот на ЈУ Универзална сала и извршен продуцент на фестивалот, Филип Аврамчев и уметничката директорка на SkLAD 2021, Александра Стратимировиќ, го најавија почетокот на 4-тото издание на меѓународниот фестивал на светлина, Skopje Light Art District.
– Четвртото издание на Меѓународниот фестивал на светлосната уметност Skopje Light Art District, меѓу скопјани попознат како Фестивалот на светлината, оваа година поради 30-годишнината од македонската независност, симболично започнува на 8-ми септември. Замислата на фестивалот е да внесе малку светлина и боја во секојдневието кое го сите го живееме и да ни ја покаже убавата, шареноликата страна на животот, изјави градоначалникот Шилегов.
На вкупно 15 локации, од шалтер салата на Пошта до Градскиот парк, 25 светлосни дизајнери и уметници по четврти пат на Скопје и скопјани ќе им ја претстават магијата на светлосната уметност.
Skopje Light Art District како проект потекнува од ROCK проектот, дел од Хоризонт 2020 програмата на ЕУ, наменета за истражување и иновации, каде градот Скопје е вмрежен и разменува искуства со уште 11 други градови од Европа.
Фестивалот црпи директна инспирација од најстариот фестивал на светлосна уметност, Fête des lumières кој секоја година се одржува во Лион, Франција и датира од далечната 1643-та година.