Глобалниот недостиг на компјутерски чипови се влошува, поради што некои американски производители на автомобили привремено ги затворија фабриките, вклучувајќи ги и оние што прават популарни камиони.
„Џенерал моторс“ вчера објави дека ќе го затвори производството во осум од 15 северноамерикански фабрики во следните две недели, вклучително и две што го произведуваат најпродаваниот камион на компанијата, „Шевролет Силверадо“. „Форд“ ќе престане да произведува камиони во фабриката во Канзас Сити во следните две недели. Смените ќе бидат скратени на уште две фабрики за камиони во Дирборн, Мичиген и Луисвил, Кентаки“ пренесува „Асошиејтед прес“.
Намалувањето ќе го влоши и онака слабото снабдување со автомобили, камиони и теренци на продажните места низ САД, што ќе ги доведе цените на рекордно ниво. Производителите на автомобили велат дека американските дилери имале нешто помалку од милион нови возила на нивните паркинзи во август, што е за 72 проценти повеќе од август 2019 година, кога имало 3,58 милиони возила.
Аналитичарите од индустријата велат дека делта-сојот од коронавирус силно ги погодил фабриките за компјутерски компоненти во Југоисточна Азија, предизвикувајќи затворање на некои фабрики. Ова го влоши недостатокот на чипови што почна да се подобрува во почетокот на летото.
„Сега изгледите за продажба на нови возила продолжуваат да се влошуваат до крајот на годината, а реалноста е дека недостигот ќе продолжи до 2022 година“, вели Кевин Робертс од веб-страницата Cargurus.com.