Кај луѓето кои се заразуваат со коронавирусот и покрај примени две дози од вакцината шансите за развој на симптоми кои траат подолго од четири седмици се намалуваат за 50 отсто, во однос на оние кои не се вакцинирани.
Целосната вакцинација против Ковид-19 не само што го намалува ризикот од заразата, туку и од инфекции кои се претворуваат во продолжен Ковид, се наведува во истражувањето на Кралскиот колеџ во Лондон.
Кај луѓето кои се заразени со коронавирусот и покрај двете дози од вакцината, шансите за развој на симптоми кои траат подолго од четири седмици се намалува за 50 отсто во однос на оние кои не се вакцинирани, пренесува „BBC“.
Многу од луѓето кои ќе се заразат со Ковид закрепнуваат во временски период од четири седмици, но некои имаат симптоми кои продолжуваат или пак се развиваат со седмици или месеци по почетната инфекција, што е познато како продолжен Ковид.
Тоа може да им се случи и на оние кои имале благи симптоми на Ковид-19 во текот на болеста.
Истражувачите, чие истражување било објавено во списанието „Lancet“ за инфективни болести велат дека е јасно дека вакцината спасува животи и спречува сериозност на болеста, но влијанието на вакцината на развојот на долготрајна болест бил помалку сигурен.
Тие анализирале податоци собрани од британската апликација „Zoe Covid“ која ги следи симптомите кај луѓето, но и вакцинацијата и тестирањата.
Така во периодот од декември 2020 до јули, следена била здравствената состојба на над 1,2 милиони возрасни кои примиле една доза од вакцината против коронавирусот и 971.504 луѓе кои ги примиле и двете дози од вакцините во тој временски период.
Само 0,2 отсто, односно 2.370 луѓе со двете дози изјавиле дека имале инфекција на Ковид-19 по вакцинацијата.
Од 592 целосно вакцинирани луѓе со Ковид-19 кои продолжиле да даваат податоци повеќе од еден месец, 31 лице односно 5 отсто добиле продолжен Ковид.
Кај невакцинираните луѓе тој број бил околу 11 отсто.
Водечкиот истражувач, доктор Клер Стивес изјавила дека на луѓето со зголемен ризик треба да им се даде приоритет при новите вакцинации.
„Добрата вест околу продолжениот Ковид е дека нашето истражување открило дека двојната вакцинација значително го намалува ризикот и од добивање на вирусот како и од развивање на долготрајни симптоми“, изјавила таа.