Индискиот сој на коронавирус или т.н делта-варијанта најнапред откриена во Индија двојно го зголемува ризикот од хоспитализација во споредба со претходно доминантниот вид во Велика Британија. Сепак, две дози од вакцината обезбедуваат силна заштита, покажа шкотска студија.
Првите докази сугерираат дека заштитата со вакцините од делта-варијантата на коронавирусот може да биде помала од нивната ефикасност против алфа-варијантата, која првпат беше откриена во Велика Британија.
Британскиот премиер Борис Џонсон вчера го одложи планот за укинување на блокадата за еден месец предупредувајќи дека ако не се стори ништо, бројот на хоспитализирани лица може да ги достигне бројките од врвот на првиот бран на пандемијата поради индискиот вид коронавирус.
Според планот што го објави Џонсон во февруари, повеќето епидемиолошки ограничувања требаше да бидат укинати на 21 јуни, а дотогаш пабовите, рестораните, ноќните клубови и другите угостителски објекти требаше да бидат целосно отворени.
Таа долгоочекувана одлука е одложена за 19 јули.
Шкотската студија проучувала 19.543 случаи и 377 хоспитализации меѓу 5,4 милиони луѓе во Шкотска, од кои делта-варијантата е пронајдена во 7.723 случаи и 134 хоспитализации.
Крис Робертсон, професор по епидемиологија на Универзитетот во Стратклајд, рече дека делта-варијантата, кога ќе се земат предвид возраста и истовремените болести, двојно го зголемува ризикот од хоспитализација, но дека вакцините го намалуваат тој ризик за речиси 70 проценти.
Експертите велат дека две дози вакцина обезбедуваат многу подобра заштита од делта-варијантата отколку само една доза вакцина и дека одложувањето од заклучувањето ќе им помогне на повеќе луѓе да добијат втора доза и да создадат имунолошки одговор.
Поврзани артикли