Еден од најистакнатите светски научници, Питер Хотез, даде до знаење дека разбирањето за потеклото на пандемијата на коронавирусот е пресудно прашање за иднината на јавното здравје во светот.
„Ќе има и Ковид-26 и Ковид-32, освен доколку не го сфатиме точното потекло на Ковид-19“, изјавил тој во неделата, инаку професор по педијатрија и молекуларна вирологија и микробиологија на Универзитетот Бајлор.
Апелот на Хотез на целосна истрага е последен во низата меѓу експертите и политичарите, а повторно се будат и старите теории за тоа дека вирусот протекол од лабораторија во Вухан.
Дури и главниот американски епидемиолог Ентони Фаучи изјавил дека не е целосно убеден дека коронавирусот настанал по природен пат.
Од март оваа година објавени се неколку истражувања поради кои експертите повикуваа на понатамошни истражувања на потеклото на коронавирусот.
Поранешниот директор на Американскиот Центар за контрола и превенција на болести, Роберт Редфилд, за „CNN“ во месец март изјавил дека верува дека коронавирусот „случајно протекол од Институтот за вирологија во Вухан“.
Во април тим на СЗО помина еден месец во Вухан истражувајќи го потеклото на вирусот, но донесоа заклучок дека протекување од лабораторија е „крајно неверојатна опција“.
Од друга страна пак, истражувачите не ѝ пристапиле на кинеската лабораторија и не ги добиле сите потребни податоци.
Овој месец „The Wall Street Journal“ обjави дека три истражувачи се разболеле и биле хоспитализирани со симптоми на коронавирус уште во ноември 2019 година, еден месец пред Кина да го пријави првиот случај на коронавирус.
Американскиот претседател Џо Бајден, минатата седмица откри дека побарал од службата за разузнавање да ги „дуплира напорите за да соберат и анализираат информации кои ќе нè приближат кон конечниот заклучок“.
Меѓутоа, Хотез изјавил дека не смета дека истрагата на таа заедница ќе биде од голема помош.
„Лично сметам дека тоа што треба да го направиме е да го истражиме избувнувањето на епидемијата. Во покраината Хубеј потребен е тим од научници, епидемиолози, виролози и еколози специјализирани за лилјаци во тек од шест месеци до една година, за конечно да се потврди потеклото на епидемијата“, изјавил тој.
Извор: Blic.rs
Поврзани артикли