Со новите законски измени, помалите телекомуникациски компании со право стравуваат за својата егзистенција и понатамошното функционирање на пазарот.
По донесените измени и дополнувања на Законот за електронски комуникации, во јавноста се појавија поделени реакции и спротивставени мислења, а посебно на удар се најдоа помалите телекомуникациски оператори во државата.
Целта на законските измени е да се ограничат, забранат и/или наметнат специфични барања и услови базирани на процена на ризик, во однос на снабдувањето, употребата и работењето на опремата за електронските комуникациски мрежи, со цел да се обезбедат „чисти и безбедни електронски комуникациски мрежи”. Со новите измени се наметнуваат и обврски до операторите да имаат воспоставени процедури, а ќе треба да преземат мерки и соодветна контрола со цел ефикасно управување со потенцијалните ризици.
Во однос на поголемите и финансиски моќни провајдери на телекомуникациски услуги во земјава, малите оператори заостануваат во секој поглед (опрема, ресурси, финансии, персонал), а со новите законски измени, тие со право стравуваат за својата егзистенција и нормалното функционирање на пазарот.
„Измените и дополнувањата на Законот ги доведоа помалите оператори во незавидна ситуација и на раб на егзистенција. Добивме нови законски обврски, кои поради ограничените ресурси и финансии можеби нема да може да ги реализираме во целост, а сето тоа го става под знак прашање нашето понатамошно опстојување и функционирање на пазарот“, изјави претставник на еден од помалите оператори во земјава.
Согласно законските измени, Агенцијата за електронски комуникации треба да донесе подзаконски акти, кои ги засегаат интересите на различните страни. Претставниците на помалите телекомуникациски компании сметаат дека е потребно да се слушнат различни мислења во процесот на донесување и апелираат дека е неопходна дебата во јавноста пред да се донесат овие подзаконски акти.
„Со оглед на тоа што не бевме консултирани за измените и дополнувањата на Законот, кои не доведуваат во незавидна ситуација, стравуваме дека истото може да се случи и со донесувањето на подзаконските акти. Апелираме да се отвори јавна расправа, која ќе им овозможи на сите заинтересирани страни да ги изразат своите мислења, гледишта и ставови во однос на овие акти“, велат од операторот.
За носење на еден од подзаконските акт потребно е Агенцијата во соработка со Националниот Центар за одговор на Компјутерски Инциденти да ги определи критичните компоненти и чувствителните делови на електронските комуникациски мрежи, за што Директорот на Агенцијата треба да донесе и листа на критичните компоненти и чувствителните делови на електронските комуникациски мрежи.
Агенцијата пред да донесе или измени подзаконски акти или одлуки од своја надлежност, а кои значително влијаат на релевантниот пазар на електронски комуникации е должна на својата веб-страница јавно да ги објави подзаконските акти, со цел да обезбеди јавна расправа со која ќе им се овозможи на сите заинтересирани страни да ги изразат своите мислења, гледишта и ставови во однос на истите.
Рокот на траењето на јавната расправа не смее да биде пократок од 30 дена од денот на објавувањето на предложените акти. По истекот на рокот, а пред донесувањето на актите, Агенцијата на својата веб-страница ги објавува добиените мислења и коментари, како и ставот на Агенцијата по однос на истите.
Поврзани артикли