Научниците од Белгородскиот државен национален истражувачки универзитет во Белгород (НИУ „БелГУ“) и Институтот за генетска биологија на Руската академија на науките (ИБГ РАС) создадоа нова линија на хуманизирани глувци подложни на зараза со коронавирус (SARS-CoV-2).
Според авторите на студијата, овие трансгени животни ќе помогнат во проучувањето на патогенезата и спроведувањето претклинички испитувања на нови вакцини и лекови против коронавирус. Резултатите од работата се презентирани во списанието Transgenic Research.
Авторите на трудот сметаат дека недостатокот на лабораториски животни подложни на инфекција е главен фактор што го ограничува развојот на вакцини и лекови против коронавирус. За да го решат тој проблем, стручњаците од Белгородскиот државен универзитет и Институтот за генетска биологија на Руската академија на науките создадоа трансгени глувци со воведување на ген кој го кодира човечкиот рецептор за влез на коронавирусот во клетката (ACE2).
Според универзитетските стручњаци, човечкиот ACE2 е вграден во геномот на глушец како дел од сложената структура која овозможува активирање на трансгените во различни ткива „по желба“. Тоа ќе овозможи проучување на механизмите на оштетување на одделни органи, бидејќи по активирањето, целиот организам нема да биде чувствителен на вирусот, туку само избрани ткива. Понатаму, овој пристап овозможува регулирање на чувствителноста на вирусот и го прави моделот биолошки безбеден: пред активирањето трансгенските глувци се генерално имуни на SARS-CoV-2.
Трикот е во тоа што трансгенската конструкција мирува додека не се комбинира со специјални активатори, тнр. „Кре-глувци“. Со нивна помош, може да се активира експресијата hACE2, „односно може да се отвори вратата за SARS-CoV-2, каде било во целото тело, или селективно во разни ткива, вклучувајќи ги белите дробови, бубрезите и мозокот“, објасни раководителот на истражувањето Алексеј Дејкин, директор на Центарот за генетски технологии на Националниот истражувачки универзитет „БелГУ“.
Како дел од студијата научниците исто така внесоа во геномот на глувците зелен флуоресцентен протеин GFP, локализиран врз човечкиот ACE2, олеснувајќи го откривањето на клетките и ткивата подложни на зараза со коронавирус.
Стручњаците веруваат дека овие глувци ќе го забрзаат испитувањето на вакцини и лекови, како и дека ќе помогнат во проучувањето на улогата на различни органи во инфекцијата со SARS-CoV-2 и во развојот на компликациите поврзани со коронавирус. Во моментов глувците веќе се користат за истражувања во Националниот истражувачки центар за вирологија и биотехнологија „Вектор“ на „Роспотребнадзор“.
Извор: Russia Beyond
Поврзани артикли