Во Македонска Каменица е поставен еден од првите системи за Паметно осветлување во нашата земја, кој претставува вистинска иновација во поглед на модернизирање на инфраструктурата, а ветува и огромни придобивки за целата заедница.
Системот е составен од неколку стотици Паметни светилки кои се вклучуваат и исклучуваат по потреба, а зад целиот процес стои платформа за паметен град, на која може да се додаваат нови апликации и содржини. Звучи како вест од иднината, нели? Сепак, во подножјето на Осоговските планини овој концепт e реалност и полека почнува да го револуционеризира начинот на живот во Македонска Каменица.
Анализирањето на теренот и на потрошувачката за улично осветлување во изминатите години доведоа до заклучок дека Македонска Каменица не само што не го искористува максимумот од енергијата која ја плаќа, туку и голем дел од општината не е соодветно осветлен за да ја гарантира безбедноста на граѓаните и посетителите. Градоначалничката Соња Стаменкова и нејзините советници одлучија дека нема потреба повеќе да чекаат и уште минатата година почнаа да го подготувааат теренот за поставување на Паметно осветлување. Целта на овој потег е да обезбеди подобра осветленост на улиците и јавните места за 60%, намалување на сметките за електрична енергија на општините до 85% и можеби најважното: намалување на штетните емисии на јаглерод диоксид во воздухот.
Идејата за Паметно осветлување е само дел од концептот Паметен град, со кој во урбаните средини технологијата ќе функционира во корист на луѓето. Инвестицијата од 28 милиони денари, поради планираните заштеди во енергија и одржување, би требало да биде повратена во рок од само 6 години.
„Aко споменам дека дневната заштеда ќе изнесува скоро 14.000 денари, ќе имаме предвид колкава ќе биде заштедата понатаму и ќе имаме увид што добива Македонска Каменица од овој проект. Сликовито прикажано, тоа значи дека во иднина би имале бесплатно осветлување на по една улица секоја година. Паметното осветлување веќе се применува во развиените градови во Европа, а со ова Македонска Каменица e еден од првите градови во Македонија со ваков систем“, изјави градоначалничката Соња Стаменкова.
Проценетите заштеди од 4-5 милиони денари годишно само со решавање на прашањето за улично осветлување ќе ги оптимизира трошоците и ќе создаде средства за нови инвестиции. Притоа, со паметното осветлување се зголемува функционалноста на патиштата, особено навечер – што ќе придонесе и за поголема безбедност на граѓаните. Придобивките од ова решение се огромни, а потенцијалот е уште поголем, затоа што на платформата Паметен град може да се додаваат бесконечно апликации и нови елементи. Ова би требало ги мотивира и останатите општини да се приклучат кон дигиталната трансформација на својата околина.
Проектот за имплементација на Паметно осветлување го спроведува Македонски Телеком, чиј систем и технологија се уникатни не само во земјава туку и во регионот.
Оваа мала општина со поставување на паметно осветлување испишува нова страница во модерната историја на паметните градови.
Поврзани артикли