Антителата создадени кај пациенти што се заразиле од коронавирусот остануваат кај пациентите најмалку осум месеци по дијагностицирањето, без оглед на тежината на болеста, возраста на пациентот или присуството на други болести, покажа новата студија објавена денес во списанието Nature Communications.
Во истражувањето спроведено од болницата „Сан Рафаеле“ во Милано се наведува дека оние што нема да успеат да произведат антитела во првите 15 дена од заразата имаат поголема веројатност да развијат потешка форма на болеста.
Групата пациенти се состоела од 67 проценти мажи, со просечна возраст од 63 години, од кои половина имале и придружни болести.
Резултатите на студијата покажуваат дека 79 проценти од пациентите успешно развиле антитела.
Истражувањето сеопфатно ја мапира еволуцијата на одговор на антителата на Ковид-19 и дава важни индикации како за клиничкото лекување на болеста така и за епидемиолошкото запирање на епидемијата.