Ако првите проценки се покажат како точни, германската автомобилска индустрија трендот на електрификација ќе го дочека многу помирно со понатамошен раст на конкурентноста
Најновите информации покажуваат дека илјадници метри под реката Рајна се крие огромно количество на таканареченото „бело злато“ или литиум, една од најважните руди на денешницата. Геолозите веруваат дека областа Горна Рајна во југозападна Германија има доволно литиум за дури 400 милиони електрични возила.
Германско-австралискиот старт-ап Vulcan Energy Resources верува дека снабдувањето со литиум ќе и овозможи на германската автомобилска индустрија да биде независна од увезениот литиум и планира да отвори пет нови постројки за екстракција на литиум
„Залихите на литиум за кои зборуваме се огромни и се целосно доволни за производство на високо квалитетен литиум на индустриско ниво“, вели Хорст Кројтер, коосновач на стартапот.
Кројтер истакнува дека планираат да инвестираат околу 1,7 милијарди евра во геотермални капацитети за извлекување на литиум. Нивниот план е да извлечат 15.000 тони литиум хидроксид годишно на две локации до 2024 година. Во втората фаза, со три нови постројки, годишниот капацитет би се зголемил на дури 40.000 тони. Споредбено, Германија минатата година увезла околу 5.300 тони литиум.
Од Vulcan Energy Resources неодамна објавија дека дизајнирале, изградиле и пуштиле во употреба пилот-постројка за директно извлекување литиум (DLE) за да демонстрираат екстракција на литиум од геотермална саламура. Постројката се наоѓа во долината на Горна Рајна во Германија.
Европската унија проценува дека побарувачката за литиум во регионот ќе се зголеми 18 пати до 2030 година, и дури 50 пати до 2050 година. Најмногу литиум денес доаѓа од Австралија и Јужна Америка, а најголемиот производител на литиум во Европа е Португалија.
Извор: Додај Гас
Поврзани артикли