Компулсивно хигиенските навики и стравот од јавни места би можеле да останат кај некои од луѓето уште долго присутни, па дури и по укинувањето на рестриктивните мерки поради ковид-19, велат истражувачите.
„Гардијан“ наведува дека научниците изразиле загриженост дека анксиозноста настаната поради коронавирусот некои од луѓето би можела да ги наведе на развивање на компулсивни хигиенски навики кои што би можеле да ги спречат повторно да се интегрираат во надворешниот свет.
Концептот „синдром на ковид анксиозност“ е дефиниран во текот на минатата година кога Ана Никчевиќ од Универзитетот Кингстон и Маркантониот Спад од Универзитетот во Лондон истиот го забележале кај луѓето.
Како изгледа тој синдром?
Научниците велат дека синдромот на анксиозност се карактеризира со принудна проверка на симптомите на ковид-19, избегнување на јавни места и опсесивно чистење, образец на „неприлагодени однесувања“ усвоени кога пандемијата на коронавирусот започна.
Во ново истражување тие користеле податоци од свои претходни истражувања на околу 500 американски учесници, а сега заедно со Јан Албери, професор по психологија на лондонскиот Универзитет, собрале прелиминарни податоци од анкета со 300 возрасни луѓе во Велика Британија.
Луѓето кои што учествувале во истражувањето биле воглавно од белата раса и факултетски образовани, а околу 22 отсто од нив сметале дека се изложени на висок ризик од заболување од ковид-19, додека пак околу 5 отсто од нив изјавиле дека примиле најмалку по една доза од вакцината против коронавирусот.
Истражувачите заклучиле дека опсесивната загриженост и избегнување на заканата, вклучувајќи и неподготвеност да се возите со јавен превоз или пак со часови го чистите вашиот дом, нема лесно да се смири, па дури и доколку коронавирусот биде ставен под контрола.
„Очекуваме дека ќе има дел од населението кој што ќе избегнува повторно ангажирање и непрекинато ќе се грижи за вирусот уште со месеци, без оглед дали се вакцинирани или пак не“, изјавил Спад.
Извор: Espreso.rs