Во изминатите три месеци, кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“ помогна да се создаде мрежа од повеќе од 520 организации, поединци и експерти, со цел да се информираат граѓаните на Западен Балкан за причините, последиците и можните решенија околу аерозагадувањето. Со оваа кампања имавме намера да посочиме дека сите од Западен Балкан имаме доволно потенцијал, знаење и капацитет за да работиме заедно во духот на солидарноста, со цел да го решиме проблемот со аерозагадувањето еднаш, засекогаш.
Потребата од дишење чист и здрав воздух нè обедини во нашата борба заснована на солидарност во рамките на кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“, иницирана од Европскиот фонд за Балканот, во партнерство со организациите Право на градот, обновливи извори и Институт за регулирање на животната средина (РЕРИ), Отворено училиште во Белград (BОŠ) (Белград, Србија); Институт за животна средина и територијално управување (Тирана, Албанија); Екофорум (Зеница, БиХ), Центар за екологија и енергија (Тузла, БиХ); Сбункер (Приштина, Косово); AirCare/МојВоздух (Скопје, Северна Македонија) и ОЗОН (Подгорица, Црна Гора).
Во соработка со експерти од регионот, истражувавме теми како: загадувањето на воздухот и неговите последици врз смртноста и здравјето на граѓаните; влијанието на загадувањето врз стапката на плодност; аерозагадување предизвикано од големите загадувачи и индустријата; аерозагадувањето во корелација со пандемијата КОВИД-19. Освен што ги информиравме нашите сограѓани, сакавме да воспоставиме врски помеѓу регионалните организации и активисти, и да испратиме порака дека сите сакаме да дишеме чист воздух! Нашата борба е заснована на единство и солидарност, а на нашата кампања се придружија повеќе од 520 лица и организации и активисти од целиот регион. Содржините, написите и пораките што ги создадовме допреа до повеќе од 650.000 граѓани на западен Балкан само преку социјалните медиуми, додека традиционалните медиуми објавија повеќе од 500 написи, соопштенија, интервјуа …
Нашата борба за чист воздух продолжува. Ние ќе ги продолжиме нашите напори да ја подигнеме свеста на граѓаните околу ова прашање, како и да се залагаме за решенија, со цел да се намали загадувањето на воздухот и да се подобри квалитетот на животот на западен Балкан. Ние, граѓаните на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија, сме подеднакво изложени на штетни материи што се пренесуваат во воздухот, без оглед на возраста, полот, верата, националната припадност и јазикот на кој зборуваме.
Врз основа на постигнатите резултати, ние, организациите кои ја водеа регионалната кампања „Обединет Балкан за чист воздух“, решивме да ја подигнеме нашата кампања на следното ниво, со трансформација во регионална мрежа. Како што беше кампањата, така и мрежата ќе остане отворена за сите организации посветени на оваа солидарна борба за чист и здрав воздух за сите нас.
Поврзани артикли