Пандемијата предизвика позната глетка во многу градови низ светот – луѓе кои шетаат, возат велосипед или седат во парк со маски на лицето, дури и ако се далеку од другите. Што вели науката за тоа? Дали е нужност или луѓето се повнимателни отколку што треба?
Од почетокот на пандемијата на коронавирус, научниците дознаа многу нови работи. Денеска, на пример, се знае дека површините не се толку важен фактор за ширење на болеста и дека прекумерната дезинфекција е непотребно губење време и трошење ресурси.
Второ, врвните експерти се убедени дека вирусот првенствено се шири преку аеросоли, ситни честички кои се задржуваат некое време во воздухот, наспроти големите капки исфрлени со кивање и кашлање кои брзо паѓаат на земја.
„Тоа значи дека седењето надвор е многу побезбедно отколку во затворени простори“, вели Хозе-Луис Хименез, водечки експерт за аеросоли на Универзитетот во Колорадо.
„Во затворен простор е многу поопасно бидејќи sидовите, таванот и подот го заробуваат воздухот, особено ако вентилацијата е слаба. Надвор ризикот е мал бидејќи има многу проток на воздух и издишаниот воздух брзо се крева, особено ако е потопло“, додава Хименез, според кого маските се неопходност во затворен простор.
Но, Хименез забележува дека нискиот ризик не значи дека воопшто не постои. Исто како што на отворено може да вдишете малку чад ако сте многу близу до пушач, постои можност да го вдишите вирусот ако сте премногу блиску до неговиот носител подолго време.
Кинески научници минатиот октомври објавија анализа на 7.324 случаи во списанието Indoor Air во која со сигурност се знаело каде пациентите се заразиле. Тие имале информации за само едно документирано ширење на отворено, во едно село во провинцијата Хенан, каде 27-годишник го префатил вирусот во разговор со носач.
Irish Times неодамна објави информација од ирската влада за 232.164 случаи на инфекција во земјата до 14 март, од кои биле пријавени само 262 преноси на отворено, или 0,1 процент од вкупниот број. Можно е дури и оваа проценка да е превисока затоа што владината агенција што ги собрала податоците се потпирала и на неверификувани активности на отворено, како спортување.
Доналд Милтон, професор на Универзитетот во Мериленд и еден од пионерите во науката за аеросоли, ги советува луѓето да избегнуваат метеж дури и на отворено, особено ако во активностите е вклучено викање и има слаб проток на воздух. Но, тој не смета дека маска треба да се носи цело време.
„Ако џогирам и нема никој околу мене не носам маска. Но, ако застанам за да поразговарам со некого, тогаш ја ставам“, објаснува тој.
Извор: Макфакс