Вакцината против коронавирус на кинеската компанија „Синофарм“ за 93 проценти ја намалува можноста лице заразено со коронавирус да заврши во болница, а за 95 проценти го намалува ризикот од сместување на интензивна нега, покажуваат резултатите од студијата спроведена во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, Абу Даби.
Студијата покажа значително намалување на стапката на нови случаи на коронавирус кај луѓето кои примиле втора доза на вакцина.
Според анализата на Центарот за јавно здравје од Абу Даби, повеќето од оние кои се заразиле по првата доза имале благи симптоми и не им била потребна хоспитализација, пренесува порталот „Нејшнел њуз“ од ОАЕ.
Како што е истакнато, кај лицата кои ги примиле двете дози вакцина на „Синофарм“ не е евидентирана смрт.
Исто така е утврдено дека имунитетот не е загарантиран по прележувањето на болеста, дека ризикот од зараза се зголемува со појава на повеќе мутации, како и дека инфекцијата подоцна може да доведе до долгорочни здравствени компликации.
Студијата наведува дека вакцината на „Синофарм“ обезбедува имунитет најмалку шест месеци, но дека се потребни нови истражувања за тоа прашање.