Силк Роуд Банка АД Скопје и Фондот за иновации и технолошки развој потпишаа Меморандум за соработка, со цел олеснет и зголемен пристап до финансиски средства и банкарски производи и услуги, за најиновативните домашни компании
Имено, банката преку пакетот на производи „Bizz Up“, креиран со поддршка од Европската унија и Европскиот Инвестициски Фонд преку гарантната шема EaSI, овозможува финансирање на микро и мали претпријатија, компании во фаза на развој и стартап компании. На компаниите на располагање им стојат различни производи и услуги, како дозволено пречекорување на сметка, кредити за обртни средства и инвестициски кредити, со привилегирани пониски каматни стапки од редовните.
„Ме радува што иницијативата на ФИТР за зголемена соработка со банкарскиот сектор со цел олеснувања за апликантите на Фондот, даде брзи резултати и интерес од банките. За неполн месец, Силк Роуд е втора банка преку која на компаниите им овозможуваме да добијат нови олеснувања при обезбедување на финансии за сопствениот удел при аплицирањето. Имаме голем број планирани годишни активности и очекувам новата соработка да придонесе за зголемен број на доставени предлог проекти на јавните повици на ФИТР“, изјави Коста Петров, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.
Дополнително, како поддршка за овие компании Силк Роуд Банка нуди и бројни привилегии за компаниите апликанти, и тоа: без надоместок за одржување на денарска трансакциска сметка во првите три месеци, одобрување на дозволено пречекорување на трансакциска сметка без дополнителни провизии, бесплатно користење на електронско банкарство со можност за вршење на плаќања во траење од еден месец, Visa бизнис картичка без годишна членарина, пониски провизии за плаќања во домашен платен промет, пониски каматни стапки за денарски кредити, како и можност за кредитни картички од брендот American Express.
„Откако минатата година го потпишавме договорот со Европскиот Инвестициски Фонд врз основа на кој го креиравме пакетот за микрофинансирање Bizz Up, денес ни претставува задоволство што го потпишуваме Меморандумот за соработка со ФИТР за олеснет пристап до финансии на иновативните комапнии. Со потпишувањето на овој Меморандум, ја засилуваме нашата поддршка за микро и малите претпријатија, старт ап компаниите и компаниите во фаза на развој преку понуда на атрактивни банкарски продукти со зголемен број на поволности и значително пониски трошоци од редовните. Сигурни сме дека заеднички во соработка со ФИТР во следниот период активно ќе допреме до сите иновативни компании во државата кои што имаат потреба од финансии и поддршка за реализирање на нивните бизнис планови и идеи. Иновативните проекти полека стануваат двигател на македонската економија и развој на општеството во целина, а Силк Роуд Банка продолжува со засилени активности за поддршка на овој тип на компании“, изјави Игор Димитров, претседател на Управниот одбор на Силк Роуд Банка АД Скопје.
Во следниот период Силк Роуд Банка во соработка со ФИТР ќе организира едукативни работилници и промотивни активности за можностите за финансирање на компаниите кои ги нуди пакетот „Bizz Up“. Со ова ќе се овозможи полесен пристап до финансии, максимално искористување на потенцијалот на најдобрите иновации во нашата земја, зголемено присуство на иновативни проекти во бизнис секторот и освојување на странски пазари од страна на домашните компании. Повеќе информации за пакетот може да се видат на следниот линк.