Поранешниот раководител на американскиот Центар за контрола и превенција на болестите (ЦДЦ), Роберт Редфилд, изјави дека верува оти коронавирусот, најверојатно, потекнува од лабораторија во Вухан прифаќајќи ја теоријата отфрлена од многу епидемиолози во светот, што придонесе за тензии меѓу Кина и Западот.
„Сè уште мислам дека најверојатната можност е овој патоген во Вухан да е од лабораторија. Знаете, тој избега“, рече Редфилд, кој беше на чело на ЦДЦ во администрацијата на Трамп.
„Не е невообичаено респираторните патогени, на кои се работи во лабораторијата, да заразат лабораториски работник“, додаде тој.
Редфилд смета дека е малку веројатно оти болеста, која наводно потекнува од лилјак, како што веруваат многу експерти, толку бргу ќе стане еден од најзаразните вируси што ги знаеме во историјата на човештвото и се пренесува од човек на човек. Тој додаде дека не рекол оти вирусот бил ослободен намерно.
Неговото мислење се совпаѓа со други претставници на администрацијата на Трамп, како што е поранешниот државен секретар, Мајк Помпео, кој неодамна рече дека има значителен број докази оти вирусот потекнува од лабораторија, но не даде докази.
На прашањето на брифингот во Белата куќа да ги коментира изјавите на Редфилд, Ентони Фаучи, шеф на Националниот институт за алергија и инфективни болести, кој служеше во администрацијата на Трамп, а сега кај Бајден, рече дека повеќето службеници за јавно здравје не се согласуваат со теоријата за кинеската лабораторија.
„Повеќето веруваат дека вирусот циркулирал еден месец или повеќе пред да биде откриен во Кина и дека за тоа време можел да се приспособи на поефикасно пренесување од човек на човек“, рече Фаучи.
Набргу се очекува извештај на Светската здравствена организација за истрагата за потеклото на коронавирусот. Шефот на експертскиот тим на СЗО во февруари рече дека лилјаците остануваат веројатно извор на вирусот и ја отфрли теоријата дека вирусот излегол од лабораторијата.