Huawei Watch GT 2 Pro воодушевува со дизајнот и квалитетот на изработка, премиум материјалите, функционалноста, а најмногу автономијата на батеријата, што му е една од најголемите предности во однос на конкуренцијата.
Текст и фото: НИКОЛА БУРАГЕВ
Најпрвин се појави Huawei Watch GT. Добар, со одличен екран, но со ограничени можности. Пред две години пристигна Watch GT 2 со супер атрактивна надворешност, додадена можност за разговори, нов Kirin A1 чипсет, а часовникот подеднакво добро одговараше и со тренерка и со фино одело.
Минатата година го добивме Huawei Watch GT 2 Pro. Зошто не GT 3? Бидејќи, ова е сепак помала надградба на GT 2 моделот, со кој го дели Kirin A1 процесорот и екранот. Софтверот е доработен, уредот сега следи 100 спортови, а присутна е и сериозна понуда на лица на часовникот – додека хардверски е додадено безжично полнење и подобрени се некои сензори. GT 2 Pro не се разликува во голема мерка од претходникот, моделот GT2, кој исто така го испробавме во текот на минатата година.
Фантастичен дисплеј
Со него го дели AMOLED екранот со дијагонала од 1,39 инчи и резолуција 454×454 пиксели (густина од 326 пиксели по инч). Дисплејот е навистина фантастичен. Остар е и простран, а благодарение на сензорот за осветлување, читлив е во сите услови, па дури и на директна изложеност на сонце. Со приказот лесно му парира и на извонредниот дисплеј на Samsung Galaxy Watch 3.
Екранот се вклучува при подигнување на зглобот и тоа се случува инстантно. Може да биде и во Always On режим, кога пригушено го прикажува точното време и поминатите чекори, но во тој случај автономијата на батеријата се скратува за 50 проценти.
Премиум дизајн и луксузни материјали
Huawei Watch GT 2 Pro се разликува од GT2 според материјалите од кои е изработен. GT 2 Pro едноставно се расфрла со стил и најквалитетни материјали. Претходникот GT2 е направен од нерѓосувачки хируршки челик. Како тоа да се надмине? Едноставно: со користење на супер ексклузивна титаниумска легура за куќиштето, керамичка позадина наместо пластична и сафирно стакло на предната страна наместо минерално, со што се добива ултра премиум часовник, не само во светот на паметните часовници.
Тука е и посветеноста на деталите: челичните копчиња на Watch GT 2 Pro се гравирани (кај претходникот беа мазни), па според впечатокот, Watch GT 2 Pro го надминува дури и Tag Heuer Aquaracer. Истото сафирно стакло го прекрива и надградениот сензор за мерење на отчукувањата на срцето на задниот дел. Керамичката позадина, освен што изгледа убаво и воопшто не се гребе, е и многу пријатна – часовникот помалку се лизга на рака и стои постабилно. На рамката околу екранот можат да се забележат изгравирани минути, а на десната страна се наоѓаат две копчиња за навигација со интерфејсот, а нешто пониско и звучникот.
Титаниумската легура е далеку поцврста и потврда од било кој алуминиум. Се разбира и поскапа, не само од алуминиумот, туку и од нерѓосувачкиот челик. Од друга страна, односот на масата и цврстината е далеку на страна на титаниумот – затоа и се користи во авио индустријата.
Сафирниот кристал е најтврд, најскап и најдобар материјал за стаклото на премиум часовниците. Ако купите Rolex од 100.000 евра или слична ексклузива, исто така ќе има сафирно стакло. Бидејќи, подобро не постои – сафирното стакло е практично невозможно да се изгребе. На него нема да видите дури ни микрогребнатини по повеќегодишна употреба, доколку нормално го користите часовникот.
Huawei Watch GT 2 Pro порасна по некој милиметар во сите правци и доби десетина грама во однос на претходникот. Сепак, и натаму е „перо-лесна“ категорија во споредба со механичките часовници, што може, но и не мора да ви се допадне – некој ќе преферира да го „почувствува“ часовникот на рака. Watch GT 2 Pro се испорачува со 22 мм ремен од вистинска кожа, чија боја е комплементарна на сивата боја на титаниумот.
Сестран уред
GT 2 Pro е пријатно да се носи подолг период, не запнува за облеката, а и не пречи при вежбањето, спиењето или извршувањето на секојдневните задачи. Сепак, имајте во вид дека се работи за поголем паметен часовник, веројатно првенствено наменет за машката популација.
Благодарение на вградениот микрофон и импресивно гласниот звучник, можете да го користите и за примање и одбивање телефонски повици. Разговорот на Watch GT 2 Pro е разбирлив, а соговорникот нема ни да забележи дека зборувате преку часовник. Секако, затоа ви треба смартфон поврзан преку Bluetooth, бидејќи ова не е часовник со eSIM картичка.
Часовникот може да послужи и за управување со репродукцијата на музиката складирана во неговата меморија (за што е достапно околу два од вкупно четири GB) или смартфонот (ако има софтверски интерфејс на Huawei), како и за слушање музика, подкасти и други звучни записи. GT 2 Pro може да послужи и како далечински управувач за камерата на вашиот смартфон, но само доколку на него е интерфејсот на Huawei – EMUI 11.
Поддршката за безжично поврзување Bluetooth 5.1 би требало да обезбеди досег до 150 метри, но тоа се однесува на идеални услови (на отворено, без пречки). Во зграда тој досег ќе биде значително помал, но сепак и натаму поголем отколку кај уредите со постара Bluetooth верзија.
Батерија за маратонци
Во Huawei тврдат дека батеријата со капацитет 455 mAh би требало да издржи до две недели вообичаено користење. Во текот на тестирањето тоа се покажа приближно точно – за седум дена GT 2 Pro потроши 53 проценти од капацитетот со вклучен приказ на известувањата и вибрации, подолго активен дисплеј, постојатно следење на спиењето и повремено користење на други апликации. Може да се очекува дека траењето на батеријата би требало да падне со поинтензивно користење, но веројатно не под десетина дена, што и натаму е прилично добро за уред од оваа категорија.
Со вклучен Always On дисплеј и непрекинато мерење на отчукувањата на срцето, батеријата на часовникот трае двојно пократко, односно отприлика седум дена. Ова е извонредно достигнување со оглед дека екранот на часовникот е постојано вклучен.
Полнењето од нула до 100 проценти на капацитетот трае два часа и 10 минути. За разлика од претходникот, GT 2 Pro доаѓа со поддршка за безжично полнење (Qi стандард), како и реверзибилно полнење преку смарфоните на Huawei.
Софтвер и автоматско следење на активности
Оперативниот систем LIte работи добро и брзо, не не донесува многу новитети во однос на претходниот модел. Со повлекување по екранот надесно или налево, се доаѓа до приказот на апликациите за следење на работата на срцето, нивото на стрес, временската прогноза, репродукција на музика и управувачките плочки за активностите.
Повлекувањето нагоре ги прикажува известувањата кои можете само да ги прочитате, не и да реагирате на нив, додека повлекувањето надолу ги отвора кратенките за често користените функции (не пречи, вклучи го екранот, пронајди го смартфонот, аларм, поставки).
GT 2 Pro може да следи поголем број спортски активности во затворен и на отворен простор. Дел од нив ќе ги детектира и следи автоматски, додадени се и начини за работа за скијање и сноуборд и голф, а можете да уфрлите и сопствени.
Часовникот може да следи како спиете, како ви работи срцето, под колкав стрес сте и колкава е сатурацијата на кислород во крвта. За овие функционалности можно е да се вклучи постојаното следење, ако сте подготвени на пократко траење на батеријата.
Сензорот за отчукување на срцето сега користи нов LED систем за побрзо и попрецизно мерење, но не можам да кажам дека забележав некоја разлика во однос на претходникот.
Часовникот ќе ви понуди и вежби за дишење и трчање, посебен начин на работа за триатлонци, барометар и компас, како и офлајн навигација за полесно да го пронајдете патот ако се загубите. Отпорен е на вода (до пет атмосфери), што значи дека со него можете без проблеми под туш, во када или во базен.
Наскоро пристигнува поддршка за надворешни апликации
Повеќе корисни податоци ќе пронајдете во придружната апликација Health, неодамна освежена со нов интерфејс. Освен што поддржува работа со оперативните системи Android и iOS, GT 2 Pro е можно да се поврзе со сервисите Apple Health и Google Fit.
Huawei значително го зголеми бројот на достапни лица на часовникот, сега ги има околу 100, но главната функција се уште не е достапна. Имено, Huawei за Watch GT 2 Pro наскоро ќе го објави Harmony OS, наместо Lite OS кој сега го користи, а кој е олеснет Android, креиран батеријата да трае подолго. Автономијата е голем адут на Watch GT 2 Pro, но затоа немате можност за инсталација на дополнителни апликации.
Тоа ќе се промени со Harmony OS, но инсталацијата ќе биде поинаква отколку кај класичните паметни часовници – апликациите ќе се инсталираат на смартфонот, а на часовникот ќе испраќаат screen mirror. Зошто? Одговорот лежи во спецификациите. Huawei Watch GT 2 Pro работи на Kirin A1 чипсет, но работниот такт од 400 MHz очигледно не е доволен за мазна работа на дополнителните апликации, па Huawei ќе ја користи процесорската сила на телефонот.
Заклучок
Huawei Watch GT 2 Pro има практично се што е потребно за да го привлече корисникот. Главни адути му се атрактивниот и елегантен дизајн и премиум изработката од луксузни и издржливи материјали. Поседува фантастичен екран, следи широка палета спортски активности, а шлаг на тортата е извонредната автонмомија на батеријата и уште попрактичното безжично Qi полнење. За пофалба е и што поддржува складирање на музика за слушање во движење преку безжични слушалки.
Дали Huawei Watch GT 2 Pro е најдобар паметен часовник на пазарот? Samsung Galaxy Watch 3 мери притисок и EKG, а Apple Watch по желба доаѓа со керамичко куќиште – уште поскапо од титаниумското. Но, погледнете ги цените: Huawei е значително поевтин, а според многумина и поатрактивен од сите конкуренти. Тука е и батеријата, која кај конкуренцијата се мери во часови, наместо во денови. Huawei со овој часовник покажа дека знае и може да направи квалитетен часовник, кој ќе го носат и спортистите и рекреативците, но и оние кои сакаат да се облечат убаво.
Watch GT 2 Pro е достапен во Македонски Телеком, Сетек, Нептун, Техномаркет и Анхоч, по препорачана цена за потрошувачите од 17.999 денари. Повеќе за производот можете да дознаете на официјалната веб-страница на Huawei.
ПРЕДНОСТИ
- Луксузни материјали и премиум дизајн
- Компактен и удобен за носење
- Извонредна автономија на батеријата
- Фантастичен екран, читлив во сите услови
- Bluetooth 5.1
- Меморија за складирање музика
- GPS Glonass + многу фитнес сензори
- Водоотпорен до 5ATM, погоден и за пливачите
- Поддржува над 100 спортски активности
- Поддржува телефонски повици
НЕДОСТАТОЦИ
- Нема поддршка за надворешни апликации
Huawei Watch GT 2 Pro спецификации:
- Екран: AMOLED, 1,39 инчи (3,5 см), 454 x 454 piksela (326 ppi), осетлив на допир
- Куќиште: Титаниум, керамика, екран од сафирно стакло
- Процесор: Kirin A1
- RAM меморија: 32 MB
- Простор за складирање: 4 GB
- Оперативен систем: Lite OS
- Батерија: 455 mAh, незаменлива, литиум-јонска
- Конекции: Bluetooth 5.1, BLE / BR / EDR
- Сензори: Отчукување на срце (оптички), брзиномер, жироскоп, барометар, компас, капацитативен, GPS (GLONASS, GALILEO)
- Водоотпорност: 5ATM
- Димензии: 46,7 x 46,7 x 11,4 милиметри
- Тежина: 52 грама (без ремен)
- Цена: 17.990 денари
Поврзани артикли