Најдобрите од училишните и регионалните натпревари се натпреваруваа на XXXII Државен натпревар по информатика на 20 март 2021 што се одржа во во просториите на Семос Едукација во Скопје и во просториите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
Меѓу средношколците победата ја однесе Андреј Шекеров, ученик во четврта година во скопската гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“.
„Дознав за натпреварите преку Семос Едукација, поточно преку курсот за подготовка за државен натпревар. Јас се запишав на овој курс по завршување на напреден C++, и тоа што ме мотивираше да продолжам да одам на овие натпревари е чувството на напредување и задоволството што го добивав од решавање на тешки програмерски задачи.“ – вели државниот првак во програмирање.
Со своите 295 освоени поени Андреј Шекеров е вистинска инспирација за натпреварувачите од пониските одделенија на кои им е и ментор во процесот на подготовка за натпреварите. Меѓу помладите натпреварувачи што тој ги менторираше за натпреварот дури тројца освоија награда: Атина Рувинова освои прво место во категорија 9-то одделение, Влатко Стојкоски е второ место во категорија 9-то одделение, а Павел Дејкоски е третопласиран во категоријата втора година средно образование.
Деветтоодделенецот Влатко Стојкоски вели дека често размислувал зошто воопшто учествува на натпреварите и што е тоа што го мотивира и заклучува дека всушност така и се учи.
„Често размислувам за практичната корист на натпреварите по информатика и секогаш заклучувам дека навистина учиме преку нив. Една од вештините која се развива во подготовката и решавањето на задачи е информатичкото размислување, тоа нѝ помага побрзо да најдеме решение кое ефикасно ја извршува зададената задача. Ова не се учи преку ноќ, и се развива само со повеќе решавање. За натпреварите е исто така потребно и познавање на алгоритми и методи кои може да ги употребиме во решението. А во процесот на развивање на информатичко размислување и учење на методите огромна е помошта од менторот.“ – вели Влатко.
Неговиот ментор Андреј Шекеров поседува два бронзени медали од Интернационалната Олимпијада по Информатика, ја осознал моќта на јазикот C++ во Семос Едукација и постепено ги унапредувал и усовршувал своите програмерски но и менторски вештини.
„Како веќе успешен натпреварувач, сакав јас да бидам менторот што ќе ги мотивира помладите генерации да навлезат во светот на натпреварите по програмирање и да имаат големи успеси кои ќе им помогнат да станат успешни програмери во иднината. Многу се радувам за успехот на Атина, Влатко и Павел, а особено за специјалното признание кое му беше доделено на петтоодделенецот Владимир Грчев, кој беше најмладиот натпреварувач на Државниот натпревар и доби пофалба за извонреден резултат.“ – истакна Андреј.
Владимир Грчев е од Кочани, има 10 години и веќе 3 години секоја сабота патува во Скопје за да учи програмирање во Семос Едукација.
„Веќе втора година се натпреварувам на натпреварите по информатика и секако нема да застанам овде и ќе продолжам да се натпреварувам, а исто така ќе продолжам и да се надоградувам во Семос Едукација за да ги усовршувам моите проекти. Моментално работам на креирање на две игри од кои едната ми е скоро готова и истите ќе се користат и на компјутер и на мобилен телефон. Исто така имам направено апликација за Android и истата ќе ја објавам во најскоро време.“ – изјави Владимир по натпреварот.
Натпреварите и подготовките за натпреварите претставуваат можност голем број ученици да навлезат во тајните на програмирањето и на тој начин да создадат одлична подлога за една перспективна професија, инженер по информатика, како во Македонија така и во светот.
Семос Едукација 10 години е поддржувач на натпреварите организирани од Здружението на информатичарите на Македонија и оваа година додели ваучери во износ од 6000 денари за првонаградените во секоја категорија, по 4000 денари за второ наградените во секоја категорија и еден ваучер од 4000 денари за учесник за добиена пофалба за постигнат резултат на натпреварот.
Оваа година, на Државниот натпревар по информатика учествуваа 90 ученици од 41 основни и средни училишта од целата земја.
Поврзани артикли