Новиот извештај на Financial Times ја истакнува неподготвеноста на неколку производители на автомобили да продолжат да инвестираат во водородната технологија.
Тоа се случува во време на притисок на Европската унија да се постигне јаглеродна неутралност до 2050 година, план во кој водородот се гледа како клучен столб.
Во извештајот се цитираат неколку европски производители кои се повлекуваат од автомобилите со водород како погон, вклучувајќи ги VW, Stellantis, Mercedes-Benz и BMW. Сепак, во извештајот се забележува дека „играчите“ од истокот, како што се Toyota и Hyundai, продолжуваат агресивно да се залагаат за усвојување на водородoт како алтернативно гориво.
„Нема да видите каква било употреба на водородот во автомобилите“, вели извршниот директор на Volkswagen Group, Херберт Дис, за Financial Times. „Ниту за 10 години, бидејќи физиката што стои зад технологијата е толку неразумна“.
Во меѓувреме, Карлос Таварес, извршен директор на групацијата Stellantis, посочи дека компаниите кои се залагаат за возила на водород се оние кои заостануваат зад батериската и EV технологијата.
Сепак, не се сите вести толку лоши за европското лоби за транспорт со водород. Во Renault веруваат дека постои голем потенцијал за комерцијалните возила да ја прифатат водородната енергија. Шефот на алтернативни горива при Renault, Филип Превел, има за цел најмалку 30% од пазарот на лесни комерцијални возила на водород.
Превел смета дека камионите кои треба да постигнат опсег од над 300 километри треба да се свртат кон водородната технологија. Ова е затоа што тежината на батериите, додадена на носивоста, е премногу голема за да BEV возилата имаат смисла.
Сепак, Херберт Дис од VW Group (кој ги контролира MAN и Scania) останува категоричен дека батериската енергија е иднината, без оглед на тежината, сугерирајќи дека високите цени на водородот ќе ја зголемат тројно цената по километар споредбено со електричните камиони.
Поврзани артикли