Научниците од британскиот универзитет Сури открија дека неинвазивното земање примероци од брисеви на кожата би било доволно за откривање на Ковид-19.
Најраширениот тест за откривање на заразата со новиот коронавирус е таканаречениот PCR тест, кој вклучува земање брис длабоко од грлото и носот. Но, британските научници во неодамнешното истражување објавено во научното списание Lancet E Clinical Medicine откриле можеби подеднакво ефикасен, но далеку помалку инвазивен метод за земање на примероци брисеви за тестирање на Ковид-19.
Научниците собирале примероци од лој од површината на кожата кај 67 пациенти, од кои 30 биле позитивни на Ковид-19, а на останатите 37 негативни. Примероците ги собирале со лесно триење на дел од кожата богата со лој, односно мрсна, восочна супстанца што ја произведуваат лојните жлезди во човечкото тело. Овие делови на кожата се, на пример, лицето, вратот и грбот.
Британските научници ги анализирале примероците користејќи течна хроматографска масена спектрометрија и техника за статистичко моделирање под името Парцијални најмалку квадрати – дискриминаторна анализа (Partial Least Squares – Discriminant Analysis), за да ги разликуваат Ковид позитивните од негативните пациенти.
Истражувачкиот тим откри дека пациентите позитивни на Ковид-19 имаат пониски нивоа на липиди, односно дислипидемија, за разлика од пациентите со негативен Ковид тест. Точноста на резултатите од студијата дополнително е зголемена со контрола на лековите и пропратниот здравствен статус.
„За жал, спектарот на идни пандемии е цврсто на врвот на агендата на поголемиот дел од научната заедница. Нашата студија сугерира дека можеби ќе можеме да користиме неинвазивен тест за болести како Ковид-19 во иднина и верувам дека развојот на ова би бил добредојден од сите“, посочува др. Мелани Бејли од Универзитетот Сури, коавтор на студијата.
„Ковид оштетува многу области на метаболизмот. Во оваа студија, покажавме дека кожниот липидом може да се додаде на таа листа, што може да укаже на функцијата на кожата како бариера, како и дека се работи симптом на болест што може да се открие“, додава Мет Спик, коавтор на студијата од истиот универзитет.