Видот Б.1.1.7, кој за прв пат беше идентификуван во Велика Британија, е меѓу 30 и 100 проценти повеќе смртоносен од претходните видови, веројатно околу 64 проценти, покажува новата студија објавена во „Бритиш медикал журнал“ (BMJ).
Во студијата се наведува дека владите во светот треба да разгледаат дополнителни мерки за намалување на смртноста од оваа мутација и да направат план за болнички капацитет.
„ Смртта од Ковид-19 се уште е редок настан, но варијантата Б.1.1.7 го зголемува ризикот. Поради неговата способност за брзо ширење, ова го прави Б.1.1.7 закана која треба да се сфати сериозно”, изјави Роберт Челен, главниот автор и истражувач на Универзитетот во Ексетер.
Епидемиолозите од Универзитетот во Ексетер и Универзитетот во Бристол споредиле стапка на смртност помеѓу заразените со овој вид и заразените со други видови. Откриле дека варијантата Б.1.1.7 довела до 227 смртни случаи кај скоро 55.000 пациенти, во споредба со 141 смртен случај кај пациенти кои имале претходни видови. Истражувачите формирале еднакви групи засновани на возраста, полот, етничката припадност и локацијата за да се елиминираат што е можно повеќе варијабли.
Разликата е во зголемувањето на бројот на смртни случаи од 2,5 на 4,1 на 1.000 случаи. Откриле дека повеќе се хоспитализирани со варијантата Б.1.1.7.
„ Се чини дека САРС-КоВ-2 може брзо да мутира и постои вистинска загриженост дека ќе се појават други варијанти заедно со бавното темпо на вакцинација“, рече Леон Денон, виш автор и истражувач на Универзитетот во Бристол.
„Модерна“ објави дека ги администрирала првите дози на модифицирана вакцина наменета за варијантата Б.1.351. Изменетата верзија може да обезбеди дополнителна заштита од разни мутации на вируси.
Се чини дека националната блокада го намалува ширењето на коронавирусот во Велика Британија, велат британските истражувачи, но варијантата Б.1.1.7 го отежнува контролирањето на епидемијата. Тие додаваат дека бројот на смртни случаи ќе се зголеми кога варијантата се шири повеќе меѓу луѓето, без оглед на еднаквите безбедносни протоколи и третмани.
Поврзани артикли