Бразилскиот сој може да предизвика реинфекција, а опасноста ќе постои се додека вирусот во одредени држави неконтролирано дивее.
Научниците предупредуваат дека неконтролираниот раст на новозаразени со коронавирус во Бразил би можел да ја загрози борбата против пандемијата на светско ниво.
Позаразната P1 мутација на коронавирусот, инаку отпорна на вакцините, стана доминантна во оваа јужноамериканска земја и засега мала е веројатноста дека ширењето на заразата би можело да биде забавено.
„Таа информација е атомска бомба. Изненаден сум од количината на пронајдени верзии на вирусот. Јавноста не сфаќа што тоа значи. Сите тие мутации се позаразни и ја забрзуваат епидемијата. Тоа е катастрофа“, изјави доктор Роберто Краенкел од Ковид-19 центарот во Бразил за „Вашингтон Пост“.
Во Бразил болничките капацитети се на раб на колапс, а во земјата е мал процентот на вакцинирани граѓани.
„Ниту една држава нема да биде безбедна додека сите држави поединечно не воспостават контрола врз растот на новозаразените“, изјави доктор Дениза Гарет, потпретседателка на Сабин институтот во Вашингтон.
„Можеме да се вакцинираме колку сакаме и да го прошириме колективниот имунитет, но додека избивањето на епидемијата е неконтролирано во одредени земји, границите за вирусот и натаму ќе бидат отворени. Земјите како Бразил каде што нема рестрикции и каде што вирусот е на слобода се легло за ширење на нови мутации“, изјави Гарет и додаде дека природниот имунитет на лицата кои веќе го прележале вирусот е помалку отпорен на бразилската мутација.
„Тоа е прашање на време. Овде во Америка добра вест е тоа што вакцинирањето оди брзо, мораме да се обидеме ова да го контролираме затоа што се чини дека вакцините делуваат против новите мутации, барем кога станува збор за тешките случаи и хоспитализациите. Но, нема гаранции. Вирусот пребрзо се развива и ако другите земји не преземат нешто, брзо ќе дојде и тука. Многу е важно сега што другите држави прават во врска со мерките и вакцинирањето“, изјави Гарет.
„Разбирам дека одредени држави сакаат први да ги вакцинираат своите граѓани, но ако нема еднакво распределување на вакцините, заканата по светот ќе постои додека вирусот во одредени држави дивее“, порача Гарет.
Извор: Jutarnji List