Samsung Galaxy S21 Ultra е телефон на кој не се направени компромиси и кога ќе се навикнете на ваква флуидност во работата, многу тешко може да се вратите на било кој друг уред.
Текст и фото: НИКОЛА БУРАГЕВ
Компанијата Samsung оствари половичен успех со моделот Galaxy S20 Ultra и тоа со сигурност може да се каже една година подоцна, кога пред нас е унапредениот модел Galaxy S21 Ultra. Обично една година не е доволно долг период толку лесно да кажеме дека една серија е подобра, но тоа е впечатокот што не следи од самиот старт – од најавата на Galaxy S21 Ultra, преку користењето, до овој текст, со кој ќе го заклучиме нашиот се уште свеж впечаток за новиот флегшип уред на компанијата Samsung.
Ова е прв пат, Galaxy S серијата по сите нормативи – камери, функции, изглед и перформанси – да ги претставува флегшип смартфоните на Samsung за актуелната сезона, а Galaxy S21 Ultra делува дека Samsung не направил апсолутно ниеден компромис, сакајќи на пазарот да му понуди ултимативен премиум уред.
Ултра дизајн
Samsung овој пат понуди поинаков дизајн за Galaxy S21 серијата и посебно нивните камери, кои сега делуваат како да се исечени од куќиштето, а во живо навистина изгледаат модерно и моќно. Galaxy S21 Ultra е изработен од алуминиум (рамката и површината околу камерите) и стакло. Однапред и одзади е најсилното Gorilla Glass Victus стакло, а уредот пристигнува во фантомска црна и фантомска сребрена боја. Доминантен елемент кај новиот S21 Ultra е куќиштето на камерата, што зазема отприлика шестина од задната страна, додека селфи камерата е изведена во вид на punch-hole отвор на средина од предниот панел.
И минатогодишниот Ultra модел и годинашниот Galaxy S21 Ultra се огромни телефони, слични според димензиите, што значи дека не се за сечиј џеб. Со 227 грама тежина и речиси 9 милиметри дебелина, S21 Ultra е потежок и подебел од Note20 Ultra (ги споредуваме двата претходни премиум уреди, со чија комбинација веројатно и настанал S21 Ultra). Екранот и предниот дел со рамката поседуваат привлечна, сјајна завршница, додека алуминиумското куќиште за камерите и стаклената задна страна се фино матирани. Ова значи дека на челичната рамката остануваат отпечатоци, додека задната страна е многу благодарна за одржување. Копчињата се сместени од десната страна, па левата страна на уредот е целосно чиста. Од горната страна има простор за два микрофона, додека долу се наоѓаат звучник, микрофон, USB C 3.2 порт и слот за две nano SIM картички.
Елегантните линии на рамката на телефонот се неправилни на десната страна, бидејќи се шират за да формираат облини што го штитат масивното куќиште на камерата. Четирите сензори, ласерскиот систем за автоматски фокус и блицот ги сочинуваат шесте кружни отвори сместени од оваа голема испакнатина на задната страна. Иако со неправилен облик, делот за камерите изгледа како да е врежан на задната страна, а Samsung се погрижил сите рабови да бидат убаво заоблени, во согласност со облините според кои се препознава S-серијата. Единствениот елемент на задната страна што се издвојува е сјајното лого на Samsung при самото дно на уредот, кое дискретно се вклопува во дизајнот на целиот уред.
Дека Samsung ги слуша своите корисници, ни стана јасно кога ги забележавме конусните рабови на делот за камерите, кои спречуваат задржување на прашина и нечистотија околу големата испакнатина на задната страна. Ова беше изразен проблем кај S10 и Note 10 сериите, продолжи со S20 моделите, а Samsung конечно го реши со S21 моделите од новата Се разбира, IP68 сертификацијата е веќе присутна со години, па се подразбира и кај S21 Ultra.
Најдобар екран во индустријата
Облините на куќиштето се пренесуваат и на екранот, поточно неговите внатрешни рамки, па S21 Ultra има убаво заоблени агли, правејќи рамката да биде најзабележителна баш на тие места. Самиот екран е секако најдоброто што индустријата и Samsung како нејзин лидер, можат моментално да го понудат – нова генерација на 6,8-инчен динамичен AMOLED 2X екран на 120 Hz во целосна резолуција од 3200х1440 пиксели. Тука е и поддршката за HDR10+ и Always On дисплеј, а осветленоста на екранот е декларирана на максимум 1500 нита, и навистина овој екран делува фантастично во сите услови, овозможувајќи ви да видите сè што работите дури и при најсилно сонце.
Освежувањето од 120 Hz сега е достапно на сите резолуции, а во прашање е адаптивен тип на освежување, што се движи во распон од 10 до 120Hz, во зависност од типот на содржината која ја гледате и работата што ја извршувате. Практично нема да почувствувате пониска стапка на освежување, бидејќи во моментите кога тоа е најбитно – отклучување, скролање, допирање на екранот, освежувањето е на максимални 120 Hz.
Под екранот е сместен и ултразвучен сензор за отпечатоци од прсти, кој е 77 проценти подобар од оној кај S20 Ultra, 50 отсто побрз и двојно попрецизен од него. Последните две ставки можеме и да ги потврдиме, бидејќи брзината и прецизноста се значајно унапредени, и во комбинација со отклучувањето со препознавање на лицето, работат молневито брзо. Ќе напоменеме дека Samsung нагласува дека ако користите заштитно стакло, прецизноста на сензорот може да биде намалена, па препорака е ја оставите заштитната фолија што доаѓа во пакувањето.
S21 Ultra е првиот и единствен смартфон од новата генерација, кој поседува поддршка за S-Pen, благодарение на Wacom дигитајзерот на екранот.
Перформанси: Exynos 2100 лета
Exynos или Snapdragon? Вечната дилема меѓу корисниците на Samsung, за која би можеле да напишеме и роман. Веќе пишувавме дека тестовите на разните IT медиуми потврдија дека Exynos верзијата на чипсетот, која е присутна во Македонија, ЕУ и дел од светот што не ги подразбира Кина и САД е на исто ниво како и Snapdragon 888, кој е наменет за тие држави.
Вистината е дека Exynos 2100 чипот работи како часовник. Нема никакви проблеми во работата на уредот, се е мазно, флуидно и беспрекорно. Покрај осумте јадра на процесорот, системот има 12 GB RAM меморија, или 16 GB доколку се одлучите за верзијата со најголем простор за складирање (512 GB). Новиот Exynos 2100 користи 1+3+4 распоред со Cortex X1 + A78 + A55 јадра, со различни тактови од 2,2 до 2,9 GHz, задолжени за различните типови работа. На овој начин, оптоварувањето на чипсетот се балансира во зависност од она што се извршува, овозможувајќи значајни заштеди во потрошувачката.
За графиката се грижи Mali-G78MP14 графичкиот процесор, кој е дури 40 проценти побрз од Mali-G77MP11 верзијата во S20 Ultra, додека новиот ISP поддржува слики до 200 MP. Новиот 5G модем е поддржан на ниво на чипсетот, складирањето е UFS 3.1, а присутна е LPDDR5 меморија. Samsung сам ги произведува своите Exynos чипови, а еден од новитетите е декодирање на 8K@60 fps видео во 10-битен HEVC или 30 fps во VP9/AV1, додека енкодирањето е поддржано во 8K@30 fps во HEVC и VP9. За комплексните пресметки на AI делот се задолжени тријадрените NPU и DSP.
Кога е во прашање меморијата, постојат верзии со 12 и 16 GB работна и 128, 256 и 512 GB интерна меморија за податоци. Само верзијата со 512 GB има 16 GB RAM, а од оваа генерација, Samsung освен со полначот, раскрсти и со мемориските картички, кои се целосно елиминирани како опција. Разликата во верзијата со двојно поголем простор за складирање е многу слична на цената на мемориската картичка што ви е потребна тоа да го остварите. При тоа, интерфејсот на мемориската картичка во 99 проценти од случаите не овозможува перформанси ни слични на внатрешната меморија, а во повеќето случаи се зафаќа еден вреден SIM-слот, што на корисниците кои имаат приватен и служен телефонски број им е многу важно.
Пет врвни камери и 8К видео снимање
Новиот S21 Utra доаѓа со вкупно пет камери, што е голем новитет во однос на претходната генерација. Четири се сместени одзади, заедно со LED блицот и ласерскиот автофокус, додека селфи камерата е изведена во вид на punch hole, односно отвор во средина на екранот.
Системот на задни камери овој пат не прави никакви трикови, нема проблеми со фокусирањето и достоен е на името Ultra. За разлика од Galaxy S20 Ultra моделот, на S21 Ultra се наоѓаат дури две телефото камери, за прописно оптичко зумирање од три и 10 пати, како и две „дополнителни камери“. Samsung прв пат ја примени тн. Nona-Pixel Bayer технологија на главната камера, која девет соседни пиксели ги спојува во еден голем, па примарната резолуција на главната камера од 108 MP се спушта на 12 MP. Исто така, новиот ISOCELL HM3 сензор што се користи наместо HM1 во S20 Ultra, има неколку значајни подобрувања, а тоа вклучува подобар автофокус, поквалитетна HDR обработка и однесување на камерата во услови на слабо осветлување.
Што се однесува до главната камера – квалитетот на фотографиите е речиси беспрекорен! Боите се веродостојни, нивото на детали одлично, нема заматување од средината кон рабовите, ниту неправилни артефакти на сликите, а темните делови на фотографијата го задржуваат потребното ниво на детали. Фотографиите се остри во резолуција од 12 MP, нема непријатен шум и адекватно се осветлени, по што се гледа дека Samsung го средил и алгоритамот на постпродукција на фотографиите помеѓу двете генерации.
Новитет е и Smart ISO Pro, што ја засилува и надополнува HDR опцијата, како и Low Noise mode, кој овозможува осетливоста на камерата на светлина да порасне за 50 проценти во однос на HM1 сензорот. Она што Samsung не го промени е ултрашироката камера. Оваа камера е иста како кај Galaxy S20 Ultra и Note20 Ultra моделите – 12 MP, 1/2,55″ сензор, 1,4 микрони големина на пиксели (13 mm, f/2,2 и 120 степени на широчина на полето).
Телефото приказната сега нуди два сензора, еден од 3x и еден од 10x, за разлика од S20 Ultra, кој имаше еден од 4X. Првата телефото камера е од 10 MP, 1/3,24″ сензор со 1,22 µm голем пиксел (70 мм f/2,4 леќа со Dual Pixel PDAF стабилизација). Втората е исто така 10 MP, 1/3,24″ сензор, со големина на пиксели од 1,22 µm, но сега зад перископ 240 mm f/4,9 OIS леќа со Dual-Pixel PDAF технологија. Ако се прашувате, што е петтото прозорче на камерата, над блицот – тоа е ласерски автофокус, кој помага при процена на кадарот и фокусирањето во сите услови на фотографирање и снимање.
Петтата камера е сместена однапред, односно се работи за селфи камера која има резолуција од дури 40 MP и автофокус (Quad Bayer технологија со големина на пиксели од 1,4 микрони). Селфи фотографиите се одлични, меѓу најдобрите на мобилните телефони и освен портрет режим, поддржуваат и други опции на сликање, менувајќи го изворот и позицијата на светлото.
Најголем напредок Samsung оствари на полето на ноќниот режим, кој навистина дава одлични резултати. Samsung конечно создаде систем во кој хардверот и софтверот работат меѓусебно на квалитетен начин. Фотографиите направени ноќно време, со користење на Auto Night Mode се навистина импресивни: одлични детали, низок шум, правилно осветлување, без размачкани светли нијанси, жолтило и други пропратни ефекти, од кои Galaxy телефоните претходно страдаа. Ноќниот мод може да се користи и при фотографирање со ултрашироката камера, но раката треба да ви биде што е можно помирна.
За крај, треба да се спомене и фактот дека Galaxy S21 Ultra поддржува 8K видео снимање. Иако се работи за битна опција, нам многу ни се допадна и 4К снимањето во 30 fps. Видео снимките се едноставно фантастични! Иако 4К видео може да се снима со сите пет камери во 60 fps (главна, ширикоаголна, теле 3x, теле 10x и селфи) советуваме да изберете 4К во 30 fps за најдобар резултат. Тогаш се користи 38 Mbps bitrate, а квалитетот на видеата воддушевува, како на телефон или компјутер, така и на 4К теелвизор.
Софтвер: OneUI 3.1 и Android 11
Политиката на тригодишното ажурирање важи и кај S21 Ultra, па освен Android 11 кој доаѓа фабрички инсталиран, Samsung гарантира поддршка за Android 12, 13 и 14 во 2023. година. Во меѓувреме, One UI доживеа нова итеграција во верзијата 3.1. Разликите се минимални и суптилни, а оние кои веднаш ќе ги забележите се левиот екран, кој сега може да биде Google Discover или Samsung Free, потоа Media и Devices во кратенките во менито со известувањата и изместените команди за промена на резолуцијата на видеото во вид на брзите кратенки на врвот на екранот.
Иако постојат разлики, во OneUI 3.1 интерфејсот се присутни сите оние работи на кои сме навикнале – препознатлив интерфејс, фиоката со апликации кои се појавуваат со повлекување нагоре, карактерични за Android 10 и 11. Делот со известувања, подесувања, dialer, пораки и контакти не е променет. Тука е и темниот режим, а фолдерите и натаму можете да ги именувате, да менувате бои и да правите слични акробации.
Опциите за подесување се групирани како и што сме навиканти, а тука е и прилагодувањето на големината на елементите на системот и фонтовите. Големината на фонтови има дури осум различни големини, додека елементите на системот можат да се менуваат во пет различни големини.
Изборот на адаптивно освежување на екранот е топла препорака, а алгоритамот за прилагодување на освежувањето според содржината се труди да ја сочува автономијата на батеријата. Подразбираното подесување на екранот е Vivid, со можности за подесување на балансот на црвената, сината и зелената боја, како и изборот на резолуцијата.
Високото ниво на прилагодување е присутно во Samsung UI верзиите уште од самиот почеток, па тоа не е променето ни во верзијата 3.1, а тука е и Galaxy Store со теми кои во целост можат да го променат изгледот на системот, иконите, фонтовите и значајно да го освежат изгледот на телефонот во неколку едноставни чекори. Добра работа е и големата количина на бесплатни содржини, а дури ни оние теми што се плаќаат нема премногу да го оптоварат вашиот буџет.
Батерија за целодневно користење
Кога е батеријата во прашање, задржан е капацитетот од претходната генерација, што значи 5000 mAh, но со значајни заштеди на новиот чипсет произведен во понапреден производен процес. S21 Ultra има значително подобра батерија способна за два дена комбинирано користење, односно ден и половина конкретна употреба. На нашиот тест од 10-часовна репродукција на YouTube видеа, батеријата покажа точно 50 проценти, што е исклучителен резултат, посебно за телефон со Exynos чипсет. S21 Ultra поддржува полнење од 25 W, а во пракса ова значи малку над 50 проценти батерија за половина час полнење, односно нешто повеќе од еден час за полнење од 0 до 100 отсто. Безжичното полнење е можно до 15W, а реверзното до 9W.
Она што е битно да се нагласи е нашот личен впечаток за траењето на батеријата, и можеме да кажеме дека Samsung завршил навистина одлична работа. Овој пат во прашање е реално употреблив смартфон за целодневно користење, за разлика од неговите претходници, кај кои тоа не беше случај. S21 Ultra издржува цел ден во сите сценарија на користење, а да не треба да се посегне по полначот.
Заклучок
Samsung Galaxy S21 Ultra е телефон на кој не се направени компромиси. Втората генерација на Galaxy S Ultra донесува исправки на сето она што и недостасуваше или не беше добро во првата верзија.
Со користење на овој телефон навистина имате чувство дека во рака држите премиум уред. Од совршено исполираниот кориснички интерфејс, кој во ниту еден момент не кочи, преку одличниот систем на камери до добрата автономија на камерата. OLED екранот е посебна приказна. Од светлината и брзината на освежување до 120 Hz во сите резолуции, кога ќе се навикнете на ваква флуидност, многу тешко може да се вратите на било кој друг уред. Поддршката за користење на S Pen е плус опција, што само ја надополнува функционалноста на уредот.
Препорачаната малопродажна цена за Galaxy S21 Ultra (5G 12/128GB) изнесува 74.999 денари и ако го барате моментно најмоќниот и најдобар паметен телефон во Android понудата, тогаш Galaxy S21 Ultra е секако на врвот на листата.
ПРЕДНОСТИ:
- Модерен дизајн
- Најдобар екран досега
- Одлична автономија на батеријата
- Извонредни камери во сите услови на сликање и снимање
- Моќни перформанси и до 16GB RAM
- Исклучителни стерео звучници
- Поддршка за S-Pen пенкало
- Ултра брз сензор за отпечатоци од прсти
- Wi-Fi 6e и останати опции на поврзување, вклучувајќи го 5G
- Загарантирани три ажурирања на Android
- Флуиден и брз One UI 3.1 кориснички интерфејс
- Corning Gorilla Glass Victus заштита
- Матираната задна страна не задржува отпечатоци од прсти
- Копичињата се вратени на десната страна
ТЕХНИЧКИ СПЕЦИФИКАЦИИ
Екран | 6.8-инчи, Dynamic AMOLED 2X, 3200 x 1440 пиксели, 515ppi
20:9, 120Hz, Gorilla Glass Victus |
Камери и видео снимање | Главна: 108 MP, f/1.8, 24mm, 1/1.33″, 0.8µm, PDAF, Laser AF, OIS
Ултра-широка: 12 MP, f/2.2, 13mm, 1/2.55″, 1.4µm, dual pixel PDAF, Super Steady video Перископ телефото: 10 MP, f/4.9, 240mm, 1/3.24″, 1.22µm, dual pixel PDAF, OIS, 10x optical zoom Телефото: 10 MP, f/2.4, 70mm (telephoto), 1/3.24″, 1.22µm, dual pixel PDAF, OIS, 3x optical zoom Селфи камера: 40 MP, f/2.2, 26mm (wide), 1/2.8″, 0.7µm, PDAFѓ Видео снимање: 8K@24fps, 4K@30/60fps, 1080p@30/60/240fps, 720p@960fps |
Димензии | 165.1 x 75.6 x 8.9 мм / 227 гр |
Процесор и графика | 8x Exynos 2100 (5 nm) (1×2.9 GHz Cortex-X1 & 3×2.80 GHz Cortex-A78 & 4×2.2 GHz Cortex-A55)
Mali-G78 MP14 |
Меморија | 128 /256 / 512 GB простор за складирање
12 / 16 GB RAM |
SIM картичка | Dual SIM |
Батерија и полнење | 5000 mAh
25W жично 15W безжично 4.5W реверзибилно безжично |
Биометриска безбедност | On-Screen Fingerprint (отисок на прст), Face Unlock (препознавање на лице) |
Оперативен систем: | Android 11 + One UI 3.1 |
Поврзани артикли