Сѐ што треба да знаете за развојот на ИКТ индустријата во Македонија: Каде сме на мапата глобални трендови за професиите на иднината, кои професии ќе бидат во раст, а кои во опаѓање, колкави се проекциите за раст на платите во ИТ секторот и како да се одговори на дефицитот на квалификувани кадри?
Сведоци сме на бројни истражувања, анализи и извештаи кои наведуваат дека работните места ќе бидат многу поразлични во претстојниот период, односно предвидувањата се дека дури 50% од работните места ќе се автоматизираат, а за дури 90% ќе биде потребно поседување на дигитални вештини. На овие теми неодамна истражуваше и македонската компанија за едукацијаBrainster, која на својата нова платформа Future of Jobs ги посочува најновите трендови за професиите на иднината, и тоа базирани на кредибилни глобални истражувања, но истовремено ги наведува и клучните предизвици на македонскиот ИКТ пазар, како и потенцијалите за раст.
Заклучокот е еден: тоа е дека иднината веќе ја живееме, а пандемијата предизвикана од вирусот КОВИД-19 како да наметна уште позабрзана потреба за дигитализација на процесите, што пак директно алудира дека пазарот на труд наметнува и потреба за развој на нови вештини кои ќе го пресретнат новото време на живеење. Истовремено, со развојот на професиите на иднината, истражувањата велат дека голем број професии и ќе бидат во опаѓање. Анализата на McKinsey Global Institute наведува дека професиите во дејностите наука, технологија и инженерство ќе бидат во пораст за речиси 4%, додека пак во најголем пад од 5% ќе бидат професии како административна и канцелариска поддршка, а потоа и производство со пад од 4,6%.
Истата анализа ни дава и јасна слика во кои индустрии иманајголем ризик за губење на работни места, а тоа се трговија на големо и мало, производство, хотелиерство и угостителство и градежништво, и тоа проследено најчесто од две причини: како последица од КОВИД-19 вирусот и автоматизацијата на професиите.
Светскиот Економски Форум, пак, во својот извештај за идните професии од 2020 година објави податоци кои исто така кореспондираат со претходното, односно наведува дека најбарани професии ќе бидат дата аналитичари и научници, специјалисти за вештачка интелигенција и машинско учење, специјалисти за големи податоци (Big data), специјалисти за дигитален маркетинг и стратегија и специјалисти за автоматизација на процеси, а пак работни места со намалена побарувачка во иднина се проектирани записничари и внесувачи на податоци, административни и извршни секретари, сметководители, монтажери и работници во фабрика.
Но, каде е иднината на работните позиции во Македонија и какви плати може да се очекуваат во ИТ секторот?
Глобалните трендови честопати ни се чинат далеку од нас, меѓутоа сѐ побрзиот начин на живот, сѐ поголемата автоматизација и сѐ поголемата побарувачка на кадри кои поседуваат ИТ вештини станува секојдневие и на локалниот пазар. И тоа кога зборуваме на ИТ вештини, тука не се мисли единствено на професии потребни во ИТ секторот, туку генерална потреба од поседување дигитални вештини и за останатите индустрии. Поседувањето на овие вештини отвора и исклучително можности за вработување на млади лица, а пак во Македонија се проектира сериозен недостиг од кадри во IKT индустријата. Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2019 година имало 685 дипломирани студенти на ИКТ студии што резултирало со недостаток од 568 луѓе имајќи го предвид просечниот годишен раст од 1253 нови работни места. Проектираниот недостаток на работна сила во ИКТ секторот за периодот 2020-2023, пак, е дури 5142 работници. Овде во најголема мера зборуваме за професиите од различните области од STEM (science, technology, engineering and mathematics), меѓутоа од друга страна, Еуростат пак наведува дека токму во овие области има дефицит на дипломирани кадри. Имено, во извештајот се посочува дека во Македонија има 7,7 STEM дипломци на илјада жители и по тој параметар земјата е практично на крајот, односно на 33-то место од вкупно 35 земји членки на ЕУ и кандидати земји членки за ЕУ за кои Еуростат води статистика.
Сите овие податоци, всушност алудираат на сериозна потреба од инвестирање во ИТ образование, со цел да се подобрат вештините на населението и да се одговори на зголемената побарувачка за квалификувана работна сила. Во прилог на ова зборува и фактот дека платите во ИКТ секторот ќе продолжат сѐ повеќе ќе отскокнуваат од просекот, а и гледајќи наназад, Државниот завод за статистика објавува пораст од 14% на просечната месечна бруто плата по вработен во секторот „Информации и комуникации“, и тоа за само еден месец, односно од ноември 2020 до декември 2020 година. Истиот извештај ги анализира и најплатените работни позиции на македонскиот пазар, каде на прво место на листата највисоки просечни плати по вработен се исплатени во дејноста компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности, и тоа со просек од 76.223 денари нето плата.
На крајот, платформа Future of Jobs заклучува дека сите овие податоци имаат за цел да дадат една генерална слика за развојот на ИТ пазарот во Македонија, но и да го прикажат потенцијалот на работни места што ги носи иднината, промената на работата генерално, како и динамиката по која што ќе се движат овие промени. Оттука, и образованието ќе мора да се адаптира и реафирмира како клучен партнер и посредник на компаниите во процесот на генерирање на квалификуван, работоспособен кадар во иднина, меѓутоа на микро план, токму вложувањето во квалитетно образованиеќе се исплати на долг рок, бидејќи дефицитот на ИТ кадриќе биде актуелен и во наредните неколку години, а платите несомнено ќе продолжат да растат токму поради високо конкурентските услови во кои работат ИТ компаниите.
Поврзани артикли