Сингапур воведе автобуси без возач во својот систем на градски превоз. Тие првично ќе сообраќаат на две линии во пробен период од три месеци (до 30 април). Цело време ќе собираат опсежни податоци за работата на овие автобуси, како и за безбедноста на патниците во нив, а по истекот на пилот-проектот ќе биде донесена одлука за нивната исплатливост и употребливост.
Автобусите ги дизајнираше компанијата ST Engineering, додека за нивната конструкција била задолжена компанијата GPS Lands, а тестирањето го презедоа транспортните компании SBS Transit и SMRT. Станува збор за минибуси долги седум метри, со по 10 седишта, како и автобуси долги 12 метри со 26 седишта. Истовремено се работи и на осмислување на програмата за преквалификација на возачите, кои доколку автономните автобуси влезат во комерцијална употреба, би добиле некои нови надлежности.
Сето ова се случува во согласност со сетот национални стандарди, усвоени во 2019 година, кои претставуваат патокази како на безбеден и сигурен начин да се развиваат автономните возила, со препораки за однесувањето на возилата на пат, функционалната и сајбер безбедност, како и форматите во кои податоците ќе се доставуваат за обработка. Овие стандарди го добија името „Technical Reference 68 (TR 68) и претставуваат основа не само за остварување на безбедноста, туку и за создавање интероперабилност и полесна размена на податоци помеѓу автономните возила на различни производители.