Сите честички коронавирус, кои моментно циркулираат во светот, лесно може да ги собере во една лименка за сок, пресметал британски математичар обидувајќи се да прикаже колку голем проблем може да предизвика нешто толку мало.
Комбинирајќи ги светските податоци за бројот на нови инфекции и процените за количината вирус од лице, математичарот од Универзитетот во Бат заклучил дека во светот има околу два квинтилиона честички на коронавирус или околу две милијарди милијарди.
Пресметувајќи ја големината на коронавирусот, во просек околу 100 нанометри, научникот Јејтс потоа го пресметал вкупниот волумен на вирусот.
Дури и кога ќе се пресметаат шилестите протеини на вирусот и фактот дека неговата тркалезна форма ќе остави простор помеѓу честичките, вкупниот волумен е сè уште помал од оној на лименката „кока-кола“ од три децилитри.
„Неверојатно е кога ќе помислите дека сите овие проблеми, хаос, тешкотии и загуби на животи се резултат на нешто што го собира во две голтки“, вели Јејтс.
Досега 2,34 милиона луѓе починаа од Ковид-19, а од почетокот на пандемијата има потврдено 107 милиони случаи на инфекција.
Поврзани артикли