Регионот го потресе веста дека 11-годишно момче починало во текот на ноќта на Клиниката за инфективни болести „Д-р Фран Михаљевиќ“ во Загреб како резултат на Ковид-19.
Неофицијално детето немало никакви претходни заболувања.
Момчето од Хрватска кое ја загуби битката против коронавирусот разви мултисистемски воспалителен синдром (МИС-Ц), многу редок и особено опасен синдром кој погодува деца на возраст од две до 15 години, а кој беше откриен кај деца заболени од Ковид-19 во САД и Велика Британија во април минатата година.
Синдромот има значителни сличности со синдромот на токсичен шок и синдромот Кавасаки и предизвикува воспаление на крвните садови низ целото тело.
– Воспалението може да го ограничи протокот на крв и да го оштети срцето, бубрезите и другите органи. Синдромот може да биде последица на имунолошкиот одговор на организмот на присуството на коронавирусот САРС-КоВ-2, објасни Кванг Сик Ким, педијатриски инфектолог во детскиот центар Џонс Хопкинс.
– Обично се јавува во рок од четири недели од изложеноста на вирусот.
Специјалистот за инфективни болести Сик Ким советува дека родителите треба итно да побараат медицинска помош ако болното дете има температура над 38 степени 24 часа или подолго и барем уште еден од следните симптоми – невообичаена слабост, црвен осип, болки во стомакот, повраќање, дијареја, отечени раце или нозе, црвени и испукани усни, како и црвени очи.
Според претходните искуства, смртноста кај деца погодени од овој синдром е околу 1,5 процент.
Според достапните податоци, во период од шест месеци биле регистрирани 1.659 случаи на овој синдром во САД, од кои 26 завршиле со смрт кај детето.
Во Словенија се евидентирани 48 случаи без смртни исходи.
Поврзани артикли